Воздухопловната бригада на AРМ го одбележува Денот на единицата ГАЛЕРИЈА

263

Припадниците на воздухопловната бригада (вбр) од составот на Здружената оперативна команда (ЗОК), со воена свеченост која се реализира во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец го одбележаа 10 јуни-Денот на единицата.

Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал- мајор Азим Нуредин честитајќи им го денот, истакна дека сите нејзини припадници се оспособени и обучени за извршување на задачите кои произлегуваат од специфичната мисија на оваа единица, вежби и мисии во рамки на НАТО структурите, како и при справувањето со различни елементарни непогоди кои ја погодија Република Македонија во минатото.

По краткиот историски осврт за бригадата, командантот на вбр полковник Роберт Малезански во своето излагање пред присутните посочи дека напорите ќе се насочат кон извршување на службата на највисоко можно ниво и со најдобар квалитет, како и кон обновување и квалитетно одржување на техниката, која е од витално значење за извршување на мисијата на единицата и за обука на персоналот со цел одржување на постојано висока борбена готовност на оваа единица.

По повод денот на единицата беа соопштени наредби за унапредување, а пехар и преодно знаме за постигнување резултати во извршувањето на мисијата на единицата доби сквадронот за транспортни хеликоптери.

Во рамки на свеченоста, се релизираше прелет на воздухопловите од вбр и Центарот за обука на пилоти и изложба на материјално технички средства со кои располага единицата.

На одбележувањето на Денот на вбр покрај заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Азим Нуредин, присуствуваа генерали од АРМ, претставници од МО и ГШ на АРМ, команданти на команди и единици на АРМ, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости од институциите со кои соработува бригадата.

Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на АРМ, за ден на вбр е одреден 10 јуни, со традиции на денот на првиот лет на македонски воен екипаж на Военото воздухопловство на АРМ во 1992 година.

Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон по што во 2005 година се трансформираше во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година кога повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената Оперативна Команда.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...