Офанзивниот фудбалер на Лион, Набил Фекир е пред потпис со Ливерпул. Тимот од Мерсисајд ја доби битката за Французинот со Баерн Минхен и Атлетико Мадрид и ќе плати 65 милиони евра за неговите услуги. Тој ќе пристигне денес во Англија за медицински прегледи. Со обезбедените бонуси, сумата може да достигне 72 милиони евра.
Минатата сезона Фекир беше ѕвезда на Лион и постигна 24 гола во вкупно 44 натпревари на сите турнири. 18 од неговите погодоци беа постигнати во Лига 1, што е негово најдобро достигнување со тимот. Одличните игри, исто така, му обезбедија место во француската репрезентација за претстојното Светско првенство во Русија.
Преговорите меѓу Лион и Ливерпул биле тешки, но значителен напредок е постигнат во вчерашниот ден, а двете страни се ги стиснале рацете, пишуваат медиумите на Островот. Ова значи дека Јирген Клоп и директорот на „црвените“ Мајкл Едвардс ќе ја исполнат својата цел да го завршат трансферот пред почетокот на Светското првенство.
Ливерпул веќе ги обезбеди услугите на Наби Кеита и Фабињо, а следната аквизиција може да биде Џердан Шакури. Клубот сигурно ќе привлече и нов голман.