Бидејќи е ова последниот текст за оваа предодморска сезона – пред сосема да си здодееме едни на други! – сѐ некако се надевав дека оваа серија од некои 150-200 текста во изминативе десетина месеци ќе заврши со решение на проблемот со името.
Еве, лето доаѓа, тоа не биднува. Напротив, побрзо се случи, вчера, НАСА да објави дека на Марс се пронајдени траги од органски материи наводно стари три милијарди години, одошто ние проблемов со името да го расплеткаме.
Но, што е право, за постигнувањето на спектакуларното откритие, НАСА против себе ја имаше само непријателската атмосфера на страшната Црвена Планета, оддалечена од Земјата тривијални 55 милиони километри – а ние ги имаме Грците, ене онде, после бензинската на Макпетрол кај Гевгелија! Друга е тоа лига на проблеми, нема споредба, не може Марс кусур да ѝ фати на Атина, бидејќи во Атина живеат Грци, а за на Марс сѐ уште не е докажано, па затоа и тие не му го спорат името. Да поживееше уште некое лето она упорно човече од Александар Велики – инаку, висок нецели метар и шеесет сантиметри, што е доволно да се објасни фрустрацијата со „Велики“ – наместо што се ничкоса отруен во Вавилон пред 2.300 години, можеби и Марс ќе го освоеше и ќе го запалеше, како што до темел, за инает, го пеплоса Персеполис (откако претходно темелно и го пљачкоса), урбаниот, архитектонскиот и културниот бисер на персиската цивилизација. Куртули Марс, за едно историско влакно!
Ама затоа ние куртул немаме. Се растегнаа преговориве како отпаран ластик на гаќи, учкур ни за лек. Ништо и оваа недела. Можеби следната. А можеби и не. Нашето МНР вчера вели дека јавноста треба да биде стрплива, бидејќи постигнатата добра волја во преговорите „треба да се преточи од страна на работните групи во текст на договор, што на најсоодветен начин ќе ги отслика суштинските параметри од постигнатото политичко разбирање меѓу двете страни“.
Со други зборови, „договорот на 20 страни“ завчера испратен во Скопје, за што брифираше грчката страна, е повторно некое сочинение кое Грците сами си го сечеле, лепеле и монтирале, со кое веројатно се обидуваат да нѐ стават пред свршен чин во брзањето да се фатат поволните датуми за одлуки во ЕУ и НАТО. „Квалитетот на текстот на договорот и потребата од постигнување на трајно и одржливо решение прифатливо за двете страни, се далеку поважни од потребата процесот да се финализира во каков било рок“, тврдо се заклучува во студен-туш соопштението од македонското МНР.
Значи, им порачува во моментов македонската страна, и покрај тоа што знаете дека Македонија нема План Б, нема да има договор, додека заедно не се договориме. Се чини толку очигледно, што ако трепнеш, може да не го видиш. Треба да се имаат четири очи отворени, оти со Грци си имаме работа.
На потег се Американците.
Извор: Цивил медиа