Добро решение би било заедно со референдумот да има и парламентарни избори. Тој што ќе го добие референдумот, веројатно ќе ја добие и власта, а новиот состав на Собранието ќе има јасен мандат да постапува според резултатите од референдумот, рече претседателот на ЛДП и пратеник во Собранието Горан Милевски во вечерашната емисија „Само вистина“ на Канал 5.
– Не би го гласал договорот за името со Грција доколку сметам дека е штетен. Не сме венчани да седиме во Парламентот. Доколку моето мислење е спротивно на официјалната политика на власта, тогаш немам проблем да се повлечам. Но ако сметам дека решението е исправно, ќе го бранам. Кога ќе биде подготвен договорот ќе знаеме што содржи и дали се согласуваме во целост или во делови. Пред да се парафира, треба доволно време да биде на увид на јавноста и да се дискутира. На крајот на референдум ќе се прифати или ќе се отфрли – рече Милевски.
Неговиот денешен противник во дебатата, пратеникот Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, смета дека сегашната власт ги загрозила преговарачките позиции на Македонија.
– Опозицијата нема да учествува во злосторството што му се подготвува на македонскиот народ. Не сакаме да го навредиме и омаловажиме македонскиот народ – рече Стоилковиќ.
Милевски и Стоилковиќ дебатираа и околу економијата, ДИК, можните избори наесен, за изборниот модел и за други актуелни теми.
Погледнете ги најинтересните моменти од дебатата.