Субвенции ќе ги обелат оџаците, оџачарите тријат раце

428

Оџачарството е исплатлив бизнис, им порача градоначаникот на Скопје Петре Шилегов на 15-те кандидати за оџачари кои ќе следат обука во ГУЦ „Здравко Цветковски“.

Тој нагласи дека по 15 септември, кога ќе им заврши обуката и ќе добијат сертификат за оџачари, ќе објави субвенционирање за чистење оџаци. За таа намена, како што кажа, Градот ќе одвои 10 милиони денари.

– Чистењето на оџаците за 30 до 40 отсто го намалува загадувањето и значително ја намалува потрошувачката на огревно дрво и пелети – рече Шилегов.

За време на обуката, бесплатно ќе бидат исчистени 100 оџаци, а заинтересираните домаќинства можат да се пријават во Инфо-центарот на Град Скопје.

– Градот Скопје побара сојузници во борбата против загадувањето во Скопје и сакам да ви се заблагодарам што со учеството во оваа обука вие станувате дел од таа борба. Обуката за оџачари ќе трае три месеци, а за времетраењето на обуката секој учесник ќе добива надомест од по 9.000 денари месечно. По завршувањето, секој од вас, покрај сертификат, ќе добие основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно вработување имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот. Оваа година со ребалансот на буџетот предвидуваме средства за субвенции за чистење на оџаците кои ќе се реализираат по успешно спроведената обука на новите оџачари, при што очекуваме илјадници оџаци во Скопје да бидат исчистени до почетокот на идната грејна сезона – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој најави дека од Владата ќе побара да донесе законски измени со кои чистењето оџаци ќе биде задолжително или оваа надлежност ќе се префрли на локалната самоуправа, а секоја општина сама ќе одлучува за себе.

Во Скопје има околу 140.000 оџаци и само 20-на оџачари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...