Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, на конференција во Брисел посветена на евроатлантската интеграција на Македонија, одговарајќи на прашања од публиката порача дека не верува оти Русија има важно влијание во опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Не мислам дека има руско влијание во ВМРО-ДПМНЕ. Некои од нив ги познавам од порано. Можеби има обиди, но не верувам дека ќе бидат успешни со ВМРО – одговори Османи на прашањето дали Москва влијае врз опозицијата за да спречи компромис за името.
Османи додаде дека е уверен оти рускиот отпор кон членството на Македонија на НАТО ќе расте.
– Не сите земји сакаат Македонија да стане членка на НАТО, тоа не е заговор, тоа го кажуваат јавно. Отпорот ќе биде сѐ поголем како што ќе се приближуваме кон НАТО. Уверен сум дека ќе има отпор – изјави Османи.
Османи повтори дека ова се „критични часови, па и минути“ за решението на спорот за името.
– Се надевав дека ќе донесам добри вести кога ја планирав посетата во Брисел. Сега не можам да го кажам тоа. Ова се критични мигови, часови, па и минути и ова се најтешките и можат да го дефинираат исходот – порача Османи.