Имаме сериозен напредок и како никогаш порано двете земји не биле поблиску до решение. Наредните часови можат да бидат клучни за исходот од преговорите и се надевам дека евентуално позитивниот исход ќе создаде атмосфера за продлабочување на односите меѓу Македонија и Грција, како и услови за забрзано продлабочување на евроатланската перспектива на Македонија, изјави вицепремиерот Бујар Османи по денешната средба со Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини во Брисел.
На средбата Османи ја информирал потпретседателката за новиот реформски План 18, со кој Македонија останува посветена на реформскиот процес и по добивањето на препораката и позитивниот извештај на Европската Комисија.
– Планот 3-6-9 создаде солидна основа и подготовка за имплементација на суштинските и долгорочните реформи во насока на приближување на нашето општество со европското, при што, планот 18 претставува логично продолжение на реформската агенда на Владата за системска координација и следење на имплементацијата на овие реформи, сѐ до почетокот на преговорите – истакна Османи.
На средбата Османи информирал и за остварениот напредокот во односите меѓу Република Македонија и Република Грција, изразувајќи притоа задоволство од постигнатиот напредок во затоплувањето на односите, имплементацијата на мерките за градење доверба, деескалација на политичките несогласувања, но и задоволство од напредокот во разговорите околу спорот за името.
На крајот од средбата Вицепремиерот Османи ги изрази своите очекувања дека постигнатиот напредок во имплементацијата на реформите, но и во отстранувањето на политичките пречки, ќе биде соодветно валоризиран на претстојните Самити на Унијата на крајов на месецов со што ќе се запечати европската иднината на Македонија, но и евроатланската ориентација на сите земји од Западен Балкан.