Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираше за случајот за обидот за убиство на Зијадин Села.
За Сашо Сенков, за кого обвинителството по седум месеци притвор го повлече обвинението, од опозицијата реагираат дека ни крив ни должен бил во притвор само заради политичка одмазда на СДСМ кон сите кои мислат поинаку.
„На Сашо Сенков му се погазени сите права и без никаква основа и докази беше политички обвинет од страна на клиентелистичкото обвинителство на СДСМ. Зоран Заев и неговите послушници не ги интересираше ниту здравствената состојба, ниту семејството на Сенков. Ги интересираше само спроведувањето на наредбата за одмазда. Одговорност за ваквото однесување мора да има и ќе има“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие во реакцијата го споменуваат и Александар Јаневски – Тошта, кој вчера се струполи во судница откако обвинителството не се откажа ниту го преквалификува обвинението против него односно остана на тоа дека тој треба да одговара за обид за убиство.
„Вчера на носилка од судница беше изнесен и Александар Јанески – Тошта. Судот не го интересира ниту неговото здравје, ниту фактите на одбраната“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.