Фракционерите на ВМРО-ДПМНЕ бараат мораториум на преговорите за името и Заев да ја обелодени содржината на договорот

926

Во насока на зајакнување на преговарачката позиција на Република Македонија, а со цел да ја корегираме преголемата ,,креативност” на двоецот Заев – Димитров, за да не нѐ доведат во ситуација да свиткаме кичма и да останеме со нарушено достоинство, Фракцијата на ВМРО ДПМНЕ јавно го искажува својот став по однос на прашањето за името и наметнатиот илузорен спор со нашиот јужен сосед, велат од ВМРО-ДПМНЕ – демократска фракција.

– Сметаме дека премиерот Зоран Заев нема мандат, односно нема ниту легалитет ниту легитимитет во име на целата нација да преговара и договара промена на нашето вековно име. Според член 119 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија меѓународни договори склучува Претседателот на државата, а Владата само доколку е овластена со закон, а таков закон досега не е донесен. Сакаме да го потсетиме премиерот Заев на точка 4 од дадената гаранција при добивање на мандатот со која лично „гарантира дека процесот на носење на одлуките за граѓаните на Република Македонија ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеење на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава”, како и на изборната програма на СДСМ во која со ниту еден збор не е споменато промена на името и Уставот. Поради овие факти сметаме дека настојувањето по секоја цена да се постигне договор за промена на името е волунтаристички, неуставен, неморален и непатриотски чин – стои во соопштението.

Од таму додаваат дека со својот бенигнен и непринципиелен став по однос на преговорите за промена на името, новото раководството на ДПМНЕ е во функција на распродажба на националните интереси и промена на името. Немањето на дециден и конзистентен став е јасен показател за постоење на таен договор помеѓу раководствата на двете најголеми македонски партии, кој со дел од пратениците треба се реализира за време на гласањето во Собранието на РМ.

–  Апелираме до членството на ВМРО ДПМНЕ да изврши силен притисок врз пратениците од своите средини со цел да не подлегнуваат на притисок (внатрепартиски и надворешен) како и да бараат оставка од сите пратеници на ВМРО ДПМНЕ кога евентуално склучениот договор Заев-Ципрас ќе дојде на дневен ред на седница на Собранието на РМ. Без разлика на резултатите од закажаната средба на двата премиера, поради зголемената хистерија на грчките фашисти и ултранционационалисти несвојствен за граѓани на држава која себеси се декларира како цивилизирана држава, како и поради неспремноста за компромис на грчката политичка елита како од позицијата така и од опозицијата и нашите преголеми отстапки бараме мораториум на преговорите, се до смирување на страстите и надвладување на разумот.
Додека трае мораториумот Фракцијата на ВМРО ДПМНЕ смета дека поради наметнатите два неправни услови при нашиот прием во ОН во далечната 1993 година, со кој е навлезено во доменот на строгата внатрешна јурисдикција на државата и е деградиран нашиот правен субјективитет, Владата на Република Македонија најитно да го постави прашањето за легалноста на наметнатите два дополнителните услови пред Генералното Собрание на ОН. Со помош на нашите пријатели и поддржувачи потребно е Република Македонија да предложи Резолуција во Генералното Собрание со која Генералното Собрание ќе бара Советодавно мислење од Меѓународниот суд на правдата за согласноста на поставените дополнителни услови кон Македонија при нејзиниот прием, со одредбите на Повелбата на ОН.
Бараме за содржината на досегашните средби и разговори на постои архивско досие како и пред секоја средба детално да бидат информирани Претседателот на државата и претставниците на сите парламентарни политички партии. Ова го бараме поради фактот што не се работи за приватни средби и разговори туку за разговори и средби кои се однесуваат на иднината и достоинството на нашата државата и нашите поколенија.
Бараме под итно пратениците на ВМРО ДПМНЕ да побараат свикување седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, на која Министерот за надворешни работи и премиерот ќе ги информираат претставниците на највисокиот законодавен дом за содржината и на договореното со нашиот јужен сосед.
Секое пост фестум информирање како и немање консензус за содржината на евентуалниот договор ќе го сметаме за нелегален и нелегитимен и ќе бараме негово поништување, соопштија фракционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...