Македонската филхармонија вечер од 21 часот во Градскиот парк ќе одржи концерт со познатиот африкански џез-музичар Феми Кути, кој во Скопје доаѓа со неговиот бенд „Позитив форс“. Со овој концерт, кој е под покровителство на Град Скопје, Филхармонијата официјално ја завршува концертната сезона.
Кути повторно ќе гостува со бендот „Позитив форс“ со кој гостуваше и на Скопски џез-фестивал во 2004 година, но овојпат ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија под отворено небо и под диригентство на Џијан Емин кој ги направи оркестарските аранжмани на композициите. Музиката на Кути, во која се соединуваат афро-ритмите со џезот и класичната музика, првпат во светот ќе биде изведена за симфониски оркестар.
– Првпат работам со симфониски оркестар и секогаш сум сонувал за ова. Почнавме со овој проект уште пред две години и ова е еден од моите најголеми проекти. Музиката е јазикот на универзумот и соработката со Џијан беше лесна. Мислам дека овој проект ќе успее на меѓународната сцена, луѓето ќе бидат шокирани, среќни, емотивни кога ќе ја слушнат музиката – рече Кути на прес-конференција по повод вечерашниот концерт.
Нигерискиот музичар роден во Лондон, кој повеќе од 30 години е на музичката џез-сцена, а е познат и како борец за човекови права, истакна дека првиот негов концерт со симфониски оркестар е веројатно најголемата работа што ја прави во животот, благодарение на Џијан Емин кој, рече, ја познава неговата работа и согледал дека неговата музика може да звучи добро со симфониски оркестар.
– Затоа јас него го нарекувам брат, затоа што тој знаеше дека е ова вистинска работа, а јас сум среќен што не ја испуштив оваа ретка и прекрасна можност – истакна Кути.
Џијан Емин додаде дека од сите можеби е тој самиот најмногу среќен за настанот. – Бев на концертот на Феми Кути пред 14 години во Скопје и за мене тоа беше неверојатно доживување. Драго ми е што оваа идеја стигна до реализација, истакна Емин.
Феми Кути е познат како најстар син на Фела Кути – пионерот на афробитот, но иако ја продолжил патеката трасирана од неговиот татко, создал сопствен израз на музицирање кој го прави автентичен и единствен. Неговите почетоци со музиката се од раните 1980-ти години и се поврзани со легендарниот Фела Кути и членувањето во неговиот бенд „Египет 80“.
Во 1995 година Феми го објавил првиот албум и од тогаш концертира ширум светот и особено е познат и впечатлив по неговите настапи во живо. Во 2010 година го издаде албумот „Africa for Africa“, за кој беше номиниран за престижната награда „Греми“. Годинава го издаде албумот „One People One World“.
– Со миксот од т.н. енергетски набиен фанк, џез, реге и традиционални африкански ритми, Феми Кути во своите песни зборува за политичката корупција, сиромаштијатата, лошите животни услови во родната Нигерија, како и во светот, диктаторскиот режим… Неговата музика се занимава со политичкиот и социјалниот аспект на живеење, со општествениот ангажман, носи силни пораки и токму тие се врзивната точка меѓу таткото и синот. Феми Кути, всушност, ја следи сличната филозофија на она што го втемели Фела Кути и затоа неговата музика инспирира и има за цел да го промени и да го мотивира африканскиот народ – наведува Филхармонијата.