Шемата е едноставна. Богати сте. Имате пари на претек. Ама сакате држава каде што не се плаќа многу данок, каде што властите ви се благонаклонети, дискретни, каде што пасошот ви вреди за патување во речиси сите земји и немаат договор за испорачување со вашата матична земја ако сте направиле нешто што не сте требале, а е казниво. Голем бонус е климата да е убава, ама не е неопходно. Но е бонус.
Постојат барем 24 земји кои ве чекаат, вас богатите, со раширени раце. Некои не ви нудат државјанство веднаш, туку имаат посебни, таканаречени „златни визи“ кои ги наградуваат инвеститорите со дозволи за престој кои, по извесен период, обично пет години, водат кон државјанство.
За овие земји, поголем број посиромашни, ваквите инвеститори се добредојдени. Според Меѓународниот монетарен фонд, Сент- Китс и Невис, 14% од својот џи-ди-пи го заработи од таканаречените ЦИП фондови – државјанство преку инвестиции. А инвеститорите се богати бизнисмени од Кина, Русија, Индија,Виетнам,Мексико, Бразил, како и од Блискиот Исток, а од скоро и од Турција. Шемите чинат од 100.000 долари до 2,5 милиони евра, значи има за сечиј олигаршки џеб. Ама, зависи кој што сака и каде.
Еден од оние по потрага по „база“ од неодамна стана и сопственикот на фудбалскиот клуб Челси од Лондон (знаете, оној што се пишува со С, се чита со С и се изговара со С) – Роман Абрамовиќ. Тој, и покрај милионите, ама какви милиони, милијарди се во прашање, и покрај големите инвестиции во Челси, во Лондон, во фудбалот, во недвижностите, во уметноста и во многу работи што ги знаеше јавноста и некои други… никако да добие… британско државјанство. Може во Сент-Невис и Китс ако сака. Или во Монако. Ама не сака. Сака британско. А властите упорно не му даваат. Само виза за престој во Велика Британија, која тој мора да ја продолжува. А последниот пат, во април, не му ја продолжија. И сега е безвизен.
Првпат Абрамович наводно се обидел да добие британски пасош преку Гибралтар, британска колонија, карпа на југот од Шпанија и тоа пред да го купи Челси. Но, тоа остана на ниво на шпекулации и беше обнародено во судскиот процес меѓу него и другиот руски тајкун, Борис Березовски. Кој знаеме како заврши. Делумно. Березовски го загуби процесот и животот и истражниот судија од Беркшир изјави дека има спротиставени докази како умрел дома и дека ќе мора да ја остави одлуката – отворена. Руските шпекулации пак се дека британските разузнавачи биле вмешани во смртта на Березовски, зашто тој бил вмешан во смртта на рускиот ексшпион Александар Литвиненко, оној отруен со полониум кој почина во болница во Лондон и за чија што смрт сопругата е убедена дека е одговорен самиот Путин. Со кого Абрамович е во одлични односи. И порано и сега.
Некои мислат дека токму затоа Абрамович сега ја плаќа цената и дека не е случајно што Британците толку се мислеа околу визата. И проширувањето на стадионот на Челси на Стамфорд бриџ наиде на бирократски компликации и одолговлекувања, одеднаш куќичката на бабичката која требаше да се руши стана национално благо. Згора на се, кога се случи чудниот случај на труењето со новичок на поранешниот рускиот шпион Сергеј Скрипал… при толку насобрани руски шпиони, разузнавачи, поранешни, сегашни, олигарси, живи, мртви, полуживи – вистинска турканица во британскиот шеснаесетник, ништо чудно што сите станаа некако нервозни и молчаливи. Па Роман го повлече барањето за британска виза, одеднаш се сети дека е Евреин, дека Израел и не е толку лошо место, дека се презива Абрамович, ќе се вклопи со Абрамовичи без проблем. Веќе купил хотел, 10 години нема да плаќа данок, и нема да мора да објаснува од каде му се парите. И експресно доби израелско државјанство. Според листата на Форбс, со богатство од 8,6 милијарди фунти, тој прекуноќ стана најбогатиот Израелец.
А можеше да добие државјанство во Тајланд за 3.000 долари годишно, во Летонија за инвестиција од најмалку 65.000 евра првата година, а потоа 28.600 евра втората година, но по пет години Роман требаше да научи летонски и да полага тест по историја. Во Доминиканска Република донација од 100.000 долари до Националниот трансформациски фонд на Абрамович ќе му донесеше инстант виза, а 200.000 долари имот – државјанство. Во Малта државјанството чини од 150.000 евра па нагоре со придонеси, инвестиции и купувања владини обврзници, а Роман можеше да стане и Грк, односно прво да добие право на постојан престој во Грција, а за другото ќе видиме, ако инвестираше најмалку 250.000 евра во недвижности, факт што верувам им е познат на многумина во Македонија.
Македонското државјанство тука не го ни спомнувам. Некако не ми оди да го замислувам Абрамович како пополнува формулари со најнедискретните податоци кои може да ги смисли човек, да ги приложи кај унгарска фирма да му ги „обработи“ компјутер и да чека три недели да види дали ќе го одбијат без образложение и без да му ги вратат парите…
Можеби некому ќе му изгледа како на маките на Роман Абрамович да им нема крај. Визата му истече во април, Челси (со С) се држи во премиер лигата ама далеку е од времето кога беше неприкосновен, на Абрамович бизнисите како да му стојат, а велат, со израелска виза нема да може толку често да доаѓа и да оди во Британија како порано. Ама да не му се секираме премногу. За една година, пред да му почнат проблемите со визата и кога живееше на островот Џерси, заработи (од што ли, да ми е да знам) уште некоја милијарда па сега „тежи“ 9,3 милијарди фунти. И проблемите и парите изгледа, доаѓаат од друштвото. Па бирајте како знаете најдобро.