Цео Ѓорѓиевски и Стојан Павлески излегуваат од куќен односно затворски притвор. Тие се обвинети во случајот за обидот за убиство на Зијадин Села, и за нив на денешното рочиште обвинителот Дарко Јакимовски го измени обвинителниот акт од обид за убиство во насилство.
Судот им одреди мерки на претпазливост односно одземање на пасошите и пријавување во судот еднаш неделно.
Со ова се согласи и одбраната која нема да поднесе жалби. До крајот на судењето тие ќе се бранат од слобода.
Попладнево од затворот во Шуто Оризари ќе излезе од притвор Сашо Сенков за кого обвинителството го повлече обвинението бидејќи нема докази.
Адвокатот на Зијадин Села изјави дека тие се согласиле со обвинителството да се повлече обвинението, но најави дека можно е во иднина да има и други обвинети за нападот на лидерот на Алијансата на Албанците бидејќи има докази дека се инволвирани и други луѓе.
Судењето на кое требаше да се дадат завршни зборови беше прекинато бидејќи обвинителот направи измена на обвинителниот акт, па одбраната треба да го прочита и анализира. Следното рочиште е закажано за 11 јуни.
На еден од обвинетите, Александар Јаневски Тошта, како што информиравме, му се слоши по што тој беше пренесен со возилото на Итната медицинска помош. Според последните информации, му правеле реанимација, но тој губел свест, и лекарите во моментов се обидуваат да го стабилизираат.