Лулашката на која се нишаме

Значи, пак имаме нужда од некаква скорешна изборна општествено-политичка катарза. Затоа и верувам дека и следните парламентарни избори во Македонија, ако ги има на пролет, ќе бидат, ами како – историски!

2886

По официјалната најава на опозицијата дека на пролет ќе бара и вонредни парламентарни избори, заедно со претседателските, Македонија би можела да се именува како вонредно-изборен шампион во Европа! За 27 години, 21 избори на различни нивоа, скоро половината вонредни.

Практично, во оваа држава нема таков кој посакал, а порано или подоцна не станал пратеник, градоначалник, општински советник, па дури и министер. После Италија (која е убедлив светски шампион!), веројатно држиме силно второ место по број на влади во изминатите 27 години (на пример, меѓу 2002 и 2006, СДСМ промени дури тројца премиери!), држиме рекорд за министер со најкус стаж (оној потрчкото на Грујо во МВР пред некоја година, со психијатриско лекарско уверение, кој остана на функцијата помалку од 24 часа!), а сигурен сум дека и Амди Бајрам држи некаков неславен европски рекорд кога е аморалната трговија со пратенички мандати во прашање.

Сепак, оваа потреба од постојани предвремени проверки на политичката поддршка на граѓанството кон партиските формации во државата базично произлегува од еден невесел феномен во Македонија: ние сме политички длабоко и релативно рамномерно поделено општество, особено во најголемата етничка заедница, помеѓу идејата моделот на државата да се гради како етно-национална творба, со посебни заштити и права за малцинствата; или како мултиетничка демократија во која сите, без разлика на своите општествени етно-религиски идентитети, ќе бидат третирани како рамноправни граѓани во заедничката држава. Тоа е лулашката на која се нишаме сите овие години.

Заборавете што вели Уставот – оваа шизофрена политичка дебата, со помала или поголема жестина, се одвива непрекинато три децении во посткомунистичка, демократска Македонија и постојано води до потреба, заради практичните последици од спроведените политики, од чести изборни проверки на расположението на гласачите. Па, ние не сме имале речиси ни едни избори кои не биле окарактеризирани како историски!

Тоа е резултат и на фактот што во триесетината години зад нас, општеството ни е во постојана „афтер-шок“ фаза по некаков преживеан политички или безбедносен земјотрес во Македонија или во нејзината непосредна околина, во што спаѓаат атентат врз еден и трагично загинување на друг претседател, масивни мигрантски кризи, вооружени конфликти од помал и поголем обем, обид за државен удар, неколку политички скандали со тектонски димензии, темелни идентитетски и територијални проблематизирања, големи демонстрации, континуирани протести, една (шарена) револуција итн.

А интеграцијата во ЕУ и НАТО, таа современа формула за стабилност и просперитет, таа општествена панацеа – имагинарниот лек кој има моќ да ги залечи сите болести и да обезбедни вечен живот – ни е секогаш на дофат, но никогаш достижен. Таман ќе дојдеме до светло на крајот од тунелот – бупете-бапете-трааас-ка-бууум!, и некоја најнова општествено-политичка катаклизма ќе нè оддалечи од посакуваната цел и ќе нѐ врати со години назад во процесот.

Одговор на тоа? Па, нови избори, се разбира! Давај! Да се преброиме, кој пат ќе го фаќаме!

Така е и со оваа најава – а можеби и дискретен договор меѓу Заев и Мицкоски – на пролет повторно да се оди на вонредни парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со цел мандат седење во опозиција, после долги години на власт и паѓањето од таа власт на вратоломен начин. СДСМ, пак, ќе има потреба од проверка на легитимитетот на својата политика и да дојде и да не дојде до решавање на проблемот со името и напредок во евро-интеграциите.

Значи, пак имаме нужда од некаква скорешна изборна општествено-политичка катарза. Затоа и верувам дека и следните парламентарни избори во Македонија, ако ги има на пролет, ќе бидат, ами како – историски!

А Хорхе ќе биде само патемна жртва на тој изборен контекст, бидејќи него одамна никој сериозен за ништо не го есапи.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...