Партиите сакаат експерти во ДИК, ама на краток рок

199

Најголемите парламентарни политички партии очекуваат на повикот за избор на нови членови на Државната изборна комисија (ДИК) да се пријават квалитени кандидати, изборот да биде навреме и со консензусот што го постигнаа за преодно решение на ДИК да се овозможи функционалност на ова тело, кое покрај за избори е надлежно и за организирање реферндум и верификација на мандати.

– Очекувам и верувам дека процесот на избор на членови на ДИК ќе помине регуларно и во предвидениот законски рок и некаде до крајот на овој или евентуално почетокот на наредниот месец веќе ќе го имаме новиот состав на времената Државна изборна комисија – изјави Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Со вчера објавениот повик, ДИК треба да добие нов состав со мандат од шест месеци до моментот додека се регулираат измените и дополнувањата на пакетот закони од изборното законодавство. Според сегашното законско решение, четворица членови ќе бидат од власта, тројца од опозицијата, од каде ќе биде и претседателот на ДИК.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека во моментнот не се знае кој ќе биде прв човек на Државната изборната комисија.

– Очекуваме дека ќе се пријават најдобрите кандидат и оти ќе имаме функционална Државна изборна комисија чие времетраење ќе биде шест месеци – изјави Данев.

Тунтев потенцираше дека станува збор за консензуален договор меѓу најголемите четири парламентарни партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА да се избере преодна Државна изборна комисија затоа што, како што дополни, таа е неопходна и за арно и за лошо и без нејзиното постоење некои процеси може да бидат и закочени.

– Тоа нема да го дозволиме, сите сме свесни и како парламентарно мнозинство и како опозиција иако се работи за преоден состав верувам дека луѓето што ќе конкурираат и кои ќе бидат дел од ова тело ќе бидат експерти во својата област, квалитетни и професионалци  рече Тунтев.

ДИК, како што укажа, не е надлежна само за спроведување избори, туку, може да дојде во прашање и организација на референдум и верификација на мандати на нови пратеници, посочувајќи како пример дека сегашен пратеник на СДСМ не може да стапи на функција заменик министер поради нефункционирањето на ДИК.

– Тоа се сите прашања кои можат да закочат одредени процеси и заради тоа добро е што се најде ова преодно решение затоа што со консензус на сите, ДИК се избира со двотретинско мнозинство. Сигурен сум дека ќе биде со консензус и оти ДИК во наредните шест месеци како преодно решение ќе си ја изврши својата функција без оглед која активност согласно надлежностите ќе биде повикана да ја спроведе – посочи Тунтев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...