„Мој термин“ за Јанкулоска на Гинекологија

963

На поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за денеска во 14 часот и бил закажан термин за преглед на Клиниката за гинекологија (ГАК) во Скопје.

Налогот за преглед го издала судијката Добрила Кацарска која го води предметот „Тенк“ за начинот на набавка на блиндираниот мерцедес, каде обвинета е Јанкулоска. Таа испратила писмо до Гинекологија каде била формирана и комисија, а терминот за преглед,како што дознаваме, и бил закажан за попладнево во 14 часот.

Јанкулоска е во деветиот месец од бременоста, таа не се појави на последното закажано рочиште за „Тенк“, по што Кацарска даде налог за дополнителен преглед.

Поранешната министерка за овој случај напиша и отворено писмо до министерките за труд и социјална политика и за правда, Мила Царовска и Рената Дескоска бидејќи, како што вели, има груба повреда во остварувањето на нејзините права во областа на судството и заштита на правата на децата и жените. На тоа министерките одговорија дека не се мешаат во судството. Царовска посочи дека Јанкулоска ќе биде третирана според законот како и сите други граѓани, а Дескоска порача дека времето на судии од тефтерчиња е завршено.

Инаку, за екс министерката, постапката во случајот „Тенк“ беше одвоена. Во меѓувреме, за останатите двајца обвинети Кацарска досуди затворски казни, на поранешниот премиер Никола Груевски во траење од две години, а на екс помошник министерот во МВР, Ѓоко Поповски, од шест години и шест месеци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...