Во училишниот двор на основното училиште „Петар Поп Арсов” се доделија наградите за најуспешните спортисти од сите десет училишта во Општина Карпош, во рамки на учебната 2017/2018 година, како и признанијата за најдобрите наставници по физичко образование.
Општина Карпош додели парични награди на 16 најдобри спортисти од четири спортови: фудбал, ракомет, одбојка и кошарка и 12 награди во паричен износ за најдобрите наставници. Станува збор за учениците кои во изминаттаа година најмногу се истакнаа и постигнаа најдобри резултати во училишните лиги во Карпош, како и наставниците кои ги мотивираа учениците да спортуваат и да ги бранат боите на локалната самоуправа. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев упати честитки до сите ученици – учесници во училишните лиги и даде уверување дека истите ќе се унапредуваат.
Овие училишни лиги се одлична основа за развој на спортскиот дух и талент кај младите. Исто така, на овој начин се лоцираат и учениците кои во иднина ќе сакаат и професионално да се занимаваат со спорт.
– Сведоци сме дека овие училишни лиги придонесуваат и за зголемување на комуникацијата и соработката меѓу училиштата и зајакнување на натпреварувачкиот дух меѓу најмладите – рече Богоев.
Во изминатиот период Општината опстои на својата заложба за унапредување на спортот на локално ниво, преку реконструкција на дел од спортските игралишта во населбите, изведба на современа фитнес зона во Карпош 4 и континуирана поддршка на спортските таленти и спортисти од Карпош.
Најдобрите ученици спортисти добија награди во износ од 8.000 денари, додека најдобрите наставници за прво место добија 10.000 денари, второрангираните 7.000 денари, додека пак, треторангираните наставници добија 6.000 денари.