Граѓанските организации ќе можат да го измерат сопствениот импакт преку новосоздадената алатка, што беше претставена денеска од страна на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, а служи за мерење на влијанието на граѓанскиот сектор врз општеството.
Извршната директорка на „Паблик“, Климентина Илијевски, посочи дека алатката на граѓанските организации во иднина ќе им даде основа, информација и сознание кое ќе ги насочи во кој сегмент би требало да направат промени во своето делување, а истовремено ќе ги покаже и силните страни кои во иднина треба да бидат зајакнати.
– Процесот на деинституализација е почнат пред околу 10 години од страна на граѓанскиот сектор, пристапот до ранливите групи е многу поизразен кај самите граѓански организации, отколку од она што успеваат да го направат самите институции. Истражувачкото новинарство главно доаѓа од организации, односно здруженија на граѓани, а не од самите медиуми. Медиумската култура се развиваше преку здруженијата на граѓани. Во здравството се направени сериозни поместување во однос на градењето релации со институциите и преземање дел од активностите што институциите не се во можност да ги направат и уште многу други промени кои организациите успеаја да ги направат во изминативе 20 години – нагласи Илијевски.
Таа изрази надеж дека алатката само ќе биде основа за во идина да биде повидлива работата на граѓанскиот сектор.