„Oва е еден вид штафетно примопредавање. Ние со полна брзина ја предаваме работата и сите наши досегашни резултати и процеси на новиот министер и на новиот кабинет и очекуваме дека со истата брзина работата ќе продолжи понатаму“, рече Роберт Алаѓозовски, кандидат на СДСМ, предавајќи му ја функцијата министер за култура, која ја извршуваше во изминатава година, на неговиот наследник Асаф Адеми, кадар на Беса.
Ако во изминативе две и кусур децении за нешто може да се каже дека најдоследно се спроведува, тоа е третманот на културата како штафетна палка. Како нешто што служи, главно за да се примопредава од една партија или влада на друга. Или од еден министер на друг во истата владејачка гарнитура, сеедно. И, очигледно, од таа долгорочна, непишана стратегија нема и, во догледно време, нема ни да има било какво отстапување. Без разлика што е погубна, што ни се удира од глава. Како што беше во изминатата деценија, кога палката и беше примопредадена на госпоѓата министерка.
Кога беше најавено дека ќе дојде до смена во културната фотелја, т.н. културни работници напишаа петиција со предупредување дека „културата и институциите МОРА да бидат автономни, а уметноста ослободена или, како што вели социологот Растко Мочник, единствено СЛОБОДНО поле“. Културата била и е најнеслободното поле, таа е најмалку автономна од сите можни „ресори и сектори“, целосно зависна од државната каса, а со тоа и од владејачката гарнитура. Секоја власт најавувала реформи, но ниеден министер не се осмели да предложи ни најмала промена во статусот на културата како заложник на државата. План за нејзино (постепено) повлекување од окупираната територија, од полето за културен натпревар. Без таков исчекор, секој труд само го продолжува слободниот пад на културата.