Шилегов – горд што тргнал возила од тротоари во должина од 10 км

1716

Планот на Град Скопје е да донесе стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот за период од пет години, рече градоначалникот Петре Шилегов кој денеска учествуваше на Конференцијата за безбедност на патиштата, во организација на Светската банка, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта.

– На локалните избори во 2017 година во мојата изборна програма ги увидовме загрижувачките бројки со безбедноста на скопските улици и се заложивме преку сообраќајни решенија да влијаеме на намалување на тие бројки. Според оваа програма, приоритет во сообраќајот секогаш ќе имаат ранливите категории учесници и јавниот превоз, а дури на крајот автомобилите. Така, едно од главните предизборни ветувања на кое што заеднички ставивме потпис со некои од иницијативите денеска присутни овде, беше дека секоја нова улица или булевар во Скопје ќе биде градена со задолжителни пешачки и велосипедски патеки. Проектите кои ги започна новата градска администрација како новиот мост на булеварот АСНОМ, булеварот Босна и Херцеговина, или булеварот Христијан Тодоровски Карпош, сите имаат издвоени простори за ранливите категории во сообраќајот – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој најави дека Град Скопје ќе го следи примерот на останатите европски градови и ќе стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот за период од пет години во која ќе се дефинира заедничка визија, ќе се постават целите, ќе се идентификуваат мерки и по нејзино донесување ќе се започне со имплементација во согласност со претходно донесен акциски план.

– Лично се заложив кај министерот за транспорт, а тој удоволи на моите барања, коловозните ленти во правилникот за градба да бидат стеснети од непотребните ширини (3,5 на 3,25 метри), а со тоа директно се влијае на намалувањето на брзините. Некои од чекорите се и чисто симболични, како 3Д пешачките премини или оградите кај школските пешачки премини или електронските мерачи на брзина. Тие, иако не влијаат директно на безбедноста, ги елиминираат секундарните фактори во несреќите како невниманието и непрегледноста – нагласи Шилегов.

Дополнителен голем проблем во Скопје е и спроведувањето на правилата во сообраќајот. Општините и градот немаат своја сообраќајна полиција и зависат од добрата волја и расположливоста на МВР во своите акции.

– Посветеноста што ја имавме изминатите седум месеци во поставувањето метални столпчиња за физичко одвојување на просторот за пешаци и велосипедисти е одличен начин како да се заобиколат прашањата како соработката со полицијата и расположливоста на пајаците. Горд сум на бројката од околу 10 километри должина на тротоари кои некогаш беа окупирани од непрописно паркирани возила, а сега се ослободени за користење на ранливите категории во сообраќајот – рече Шилегов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...