Граѓанските организации ќе можат да го измерат свoето влијание

105

Започнат процес за деинституционализација, заживување на локалната културна сцена, унапредување на медиумската писменост, надополнување на образовниот систем преку неформалното образование, партнерство и преземање системски обврски во здравствениот сектор, се само дел од достигнувањата и успесите на граѓанскиот сектор во сферите на социјалата, образованието, медиумите, културата и здравството, покажува истражувањето „Граѓанското општество – активен или пасивен чинител во општествените промени“, кое го спроведе Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.

Но, колкав е реалниот импакт на граѓанскиот сектор во продуцирање позитивни општествени промени? Дали нивните експертизи и инпути се широко пречекани од институциите во креирањето стратегии во различни сфери и дали се перципирани како сојузници?

Со цел граѓанските организации да го утврдат својот капацитет за поттикнување општествени промени, создаден е Инструмент за мерење на влијанието на граѓанскиот сектор врз општеството, кој што ќе биде претставен утре, на конференција во хотел „Солун“, од 10 часот, на која што ќе бидат споделени и резултатите од истражувањето спроведено во рамки на програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“.

– Општествените феномени имаат многу сложена, а воедно и апстрактна структура која не е едноставна за мерење. Но, ако сакаме да дознаеме дали нашите активности се ефикасни и пожелни, треба да настојуваме да употребиме методологија која е соодветна за тоа. На граѓанските организации им се потребни сознанија кои сегменти од нивното функционирање се корисни и носат промени, а во кои сегменти им е потребно подобрување. Ова ќе го понуди инструментот за мерење на влијанието на граѓанските организации врз општествените промени кој што го искреира Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – објасни проф. д-р Мариа Доневска, координатор на проектниот тим.

Во рами на утрешната конференција ќе се случува и панел дискусијата: „Како до значајни општествени промени: Визии за иднината на граѓанското општество“, а ќе дебатираат Ило Трајковски, професор на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет, Нано Ружин, ректор на Факултетот за политички науки и дипломатија, Бојан Маричиќ, посебен советник за евроатлански интеграции во Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија, Моника Божиноска, проектна координаторка во „Цивика мобилитас“ и Билјана Петковска, извршна директорка на Македонскиот институт за медиуми.

Модератор на дискусијата ќе биде Небојша Илијевски од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...