Шекеринска: Потребен ни е процесот на преговори за реформите да задржат правец ВИДЕО

232

Среќни сме што претседателот на Франција Макрон ја поддржува Македонија за членство во НАТО, но точно е дека Франција има малку поразлична позиција во врска со проширувањето на ЕУ. Треба да се знае дека во случајот на Македонија не зборуваме за членство во ЕУ, туку за започнување на преговорите. Тоа е нешто различно.

Ова го вели вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во две 17-минутни интервјуа за Телевизијата „France 24“, што ги реализираше на француски и на англиски јазик, во кои министерката одговара на прашања за шансите за евроатлантска интеграција на Македонија, за спорот со Грција околу името, борбата со корупцијата и реформите во судскиот систем, за преминот од заробена кон слободна држава и кризата која претходеше.

– Нашиот премиер во Софија имаше средба со претседателот Макрон и ние сме среќни што тој ја поддржува Македонија за членство во НАТО, но точно е дека Франција има малку поразлична позиција во врска со проширувањето на ЕУ. Треба да се знае дека во случајот на Македонија не зборуваме за членство во ЕУ, туку за започнување на преговорите. Тоа е нешто различно, тоа е тежок и долг процес кој зависи од нас, од нашата моќ за промени и реформи, но и од земјите членки на ЕУ. Ќе ги употребам зборовите на Макрон: Не треба да се чека кога ќе се појави можност. На Балканот сега се појави можност, а тоа не се случува често. И Европа сега кажува, да, има успех на Балканот. Ова е ретка можност за Македонија која е полна со етнички и религиозни различности, но е функционална демократија – истакнува Шекеринска на прашањето на француските новинарки Каролин де Камаре од ТВ Франс 24 и Доминик Бајар од Радио Франс Интернационал, дали Македонија може да смета на поддршката од францускиот претседател Макрон за членство во ЕУ и НАТО.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на директното прашање дали Шекеринска очекува на Самитот во јуни Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, министерката вели дека е оптимист бидејќи „за нешто да се одработи на Балканот, треба да се биде оптимист и да се работи“.

– Македонија инвестираше многу во односите со соседите, и договорот со Бугарија без посредство однадвор ја покажа зрелоста на двете земји. Мислам дека истото ќе се случи со Грција – рече министерката.

Француските новинарки потсетија на посетата на министерката Шекеринска на САД и оценија дека патот за Македонија кон НАТО се отвора при што Македонија ја има поддршката на САД. Ја прашаа министерката какви напори биле вложени да се обезбеди наклонетоста на САД за влез во Алијансата.

– Македонија работеше многу за прием на земјата во НАТО, повеќе години наназад. И ние сме спремни. Дадовме многу сигнали дека обврските од НАТО ќе бидат респектирани. Сега зборуваме со Грците за да го решиме преостанатото прашање, но многу работевме и на реформите во одбраната. На крајот на јуни ќе завршиме со новата безбедносна стратегија која беше поддржана од НАТО и некои земји членки и го подобривме нашето присуство во операциите во странство. Јасно е дека Македонија е лојален партнер кој може да даде многу. Македонија е мала земја која може да придонесе многу за стабилноста на Балканот – рече Шекеринска.

На прашањето од двете новинарки дека има сепак едно прашање кое ја спречува Македонија за членство, а тоа е илустрирано со пресудата за корупција на поранешниот премиер Груевски кој владееше со земјата 11 години и што може таа да промените по ова прашање кое се однесува на корупцијата, Шекеринска посочува дека за време на кризата креиравме нова институција која се занимава само со прашања на корупција, злоупотреба на моќта, но за високите ешалони.

– Долго време народот во Македонија мислеше дека највисоките политичари се недопирливи и тоа беше проблем на правната држава. Мислам дека истрагите, но и процесот кој е во тек покажаа дека никој не е над законот и тоа е порака и за нас како нова Влада. Почнавме и со реформи за зголемување на транспарентноста на институциите, на Владата. Зборувам за отворена влада, новинарите и медиумите имаат слободен пристап до информациите и тоа е еден вид на притисок врз владата и превенција од корупција – одговори Шекеринска во интервјуто за Франс24 и Радио Франс Интернационал.

Во второто интервју, на прашањето на новинарката од англофонската редакција Кетрин Николсон за шансите по Самитот во јуни Македонија да почне преговори со ЕУ, Шекеринска вели дека актуелната Влада се зафати со решавање на стратешките проблеми и очекува промените кои ги донесе да бидат соодветно да бидат верификувани и признаени од Унијата.

– Секогаш се сметаше дека Македонија има три различни стратешки проблеми – интеретничките односи, проблемот со Грција и проблемот со Бугарија кој траеше скоро деценија. Ова е првата влада која се зафати со решавање на трите проблеми во период од помалку од 12 месеци, и ако не ги цените и не ги поддржите овие промени, луѓето ќе помислат дека дури и кога има промени, нема реакција. Мислам дека ова ехо ќе биде многу важно за Балканот…. Европската Унија има можност да покаже почит кон своите клучни вредности и спротивно на бранот на национализам и популизам низ европскиот континент, да каже дека кога ќе се случи промена во мал дел од европскиот континент, како Балканот, таа промена може да се прошири и на други места – вели Шекеринска.

На прашањето околу спорот за името, министерката вели дека се работи напорно на изнаоѓање на решение.

– Работиме напорно, се надеваме дека ќе има решение, и тоа бара многу храброст и посветеност, но бара посветеност и од страна на ЕУ. Ние во Македонија правиме се, многу ризикуваме, но нашите граѓани очекуваат дека ова реално ќе ни ги отвори вратите. Не зборуваме за членство во ЕУ утре, зборуваме за почнување на преговорите, што е долг и тежок процес – нагласува Шекеринска.

Министерката потенцираше дека во извештајот на ЕК е јасно констатиран успехот во реформите во Македонија.

– Потребен ни е процесот на преговори за реформите да задржат правец – да влезат во процес на цели, контрола и исполнување, вели министерката Шекеринска, стои во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...