прими делегација на Уставниот суд на Македонија
Бугарскиот претседател Румен Радев прими делегација на Уставниот суд на Република Македонија, соопшти прес службата на претседателот.
Партнерството меѓу уставните судови на Бугарија и Македонија е важен чекор за развојот на билатералните односи во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави, изјавил Румен Радев на средбата со делегацијата на Уставниот суд на Република Македонија, предводена од претседателот Никола Ивановски, пренесе БТА.
Радев посочил дека со потпишување на Договорот за добрососедство Бугарија и Македонија на сите земји од регионот им дадоа пример како проблемите можат да се надминат во име на дијалогот и разбирањето, а соработката меѓу уставните судови на двете држави го дава својот придонес.
– Важно е да покажеме дека овој договор функционира и притоа ние да се водиме од неговиот дух – изјавил Радев.
Уставниот суд е гарант за владеењето на законот, а тоа е меѓу најважните услови за членството во Европската Унија, забележал шефот на бугарската држава. Тој, исто така, посочил дека уставните судови можат корисно да соработуваат и да го разменуваат своето искуство имајќи ги предвид повеќето цели.
Радев ја искористил можноста да ги повика и мултидисциплинарните комисии на двете држави, што се занимаваат со решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Македонија, да ја добијат неопходната поддршка во својата работа.
Претседателот на Уставниот суд на Македонија, Никола Ивановски, го запознал бугарскиот претседател со работа, компетенциите и надлежностите на Уставниот суд. Тој се заблагодарил за сестраната поддршка на Бугарија како претседател на Советот на ЕУ и особено во однос на евроатлантската перспектива на Македонија.