Кога во почетокот на 2011 година режимот на Никола Груевски, чиј министер за внатрешни работи беше Гордана Јанкуловска, ги малтретираше жените мајки од медиумите на Перо Наков, а една трудница го изгуби плодот, после многу протестни коментари што ги напишав, обесхрабрен и разочаран, се решив на последниот чекор. Бидејќи веќе одамна немав никаква комуникација со Груевски, со посредство на мојата пријателка Теута Арифи, му напишав писмо на Али Ахмети, во кое лично го замолив да стори нешто да се испочитуваат основните мајчински права на жените заробени во затворот во Шутка.
Не бидна ништо и од таа работа. Но, тогаш си реков – ако еднаш успееме го симнеме режимот на монструмите, не смееме да дозволиме новите луѓе на власт, обвинителите и судиите, како и нивните поддржувачи во јавноста, самите да станат такви монструми.
И ете, после толку години, на обвинителна клупа, во деветти месец од бременоста, седи Гордана Јанкуловска. И моли судот да ги почитува нејзините мајчински права. За што ја има и мојата целосна поддршка. Но, за жал, читам коментари на социјалните мрежи за барањето на Јанкуловска и не можам да се изначудам во какви монструми се претвориле некои од нас. Ќе цитирам само неколку такви коментари, а ги има стотици:
„Морничава е самата помисла дека таа – монструмот за туѓите деца – посакала да стане мајка.“
„Абе нека го роди детето во затвор, таа тоа и го заслужува…“
„Одлуката да носи дете во време кога се суди за тешки дела не е во согласност со конзервативните вредности. Со тоа ја доведува во ризик иднината на детето коешто би можело да биде одземено поради несоодветност на мајката за родителската должност.“
„Mонструмите заслужуваат тројно посурови и подолготрајни казни.“
„Сѐ додека не почне да се применува Талионското начело, овие од злосторничкото здружение ќе се прават наудрени!“
Итн, итн…
Разочаран сум и исплашен. Многу луѓе веруваат – а меѓу нив има и интелектуалци што ги сметавме за сериозни – дека единствениот начин Македонија да се справи со бившиот режим е да се примени токму Талионско начело, што ќе рече „око за око, заб за заб“. Во конкретниов случај, „бебе за бебе“.
Понесени од желбата за одмазда, многу луѓе забораваат дека така и самите стануваат монструми, како оние на кои би сакале да им бидат џелати. Тоа не е правдата што ја баравме, борејќи се против режимот. Барем јас така не ја разбирам правдата. И затоа, застанувам во одбрана на човековите права на Јанкуловска, по цена и мене да ме ставите на списокот на оние кои заслужуваат „тројно посурови казни“.