Како и многу љубители на фудбалот кои се обидуваат да ги предвидат резултатите на Светското првенство во Русија и мачорот Ахил се занимава со проучување на репрезентациите, нивната форма и отсуства, но тој има една предност – мачји инстинкт.
Белиот мачор, кој живее во музејот Ермитраж ќе биде официјален пророк, кој ќе се обиде да ги предвиди победниците и губитниците на најважниот глобален фудбалски турнир, кој почнува во Русија за две недели.
Медиумите веќе пишуваат дека на Ахил нема да му биде лесно да ги исполни очекувањата и да излезе од сенката на познатиот октопод Пол, кој стана меѓународна ѕвезда откако точно ги погодуваше резултатите на Светското првенство во 2010 година, вклучувајќи го шампионот Шпанија.
Ахил, кој е еден од многуте мачки кои живеат во Ермитаж веќе погодуваше резултати од Купот на Конфедерации минатата година.
Бидејќи е глув, луѓето кои ќе го чекаат неговото „пророштво“ нема да му пречат. Победниците ќе ги погодува според изборот меѓу два сада со иста храна, но со различни знаменца.