РСБСП апелира до младите возачи: Размисли пред да биде доцна!

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) се обрати со соопштение до младите возачи со кое предупредеува дека намерните или ненамерни грешки -се причини за сообраќајни незгоди кај младите возачи.

88

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) се обрати со соопштение до младите возачи кое го пренесуваме интегрално:

„Младите возачи и возачите почетници се најранлива категорија учесници во сообраќајот, но и најчесто грешат во него. Според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, грешките се непромислени и ненамерни бидејќи во голем дел од ситуациите тие се направени за прв пат или не се направени свесно.

Секој млад човек (кандидат за возач) кога прв пат ќе седне во автомобил да учи да вози, обично е многу внимателен и подготвен да слуша и да ги применува советите од инструкторот. Но, откако ќе се стекне со возачка дозвола и со минимум возачко искуство, наеднаш работите се менуваат, на површина излегува преголемата самодоверба изградена врз основа на лажна перцепција за „големите“ возачки способности. Тогаш се прават најголемите грешки во сообраќајот, а крајниот епилог од таквото однесување најчесто е погубен и фатален.

РСБСП со потсетување кои се најголемите грешки што младите возачи намерно или ненамерно (свесно или несвесно) ги прават кога се зад воланот?

Една од најопасните грешки што младите возачи ја прават е брзото возење и тоа најчесто  во доцните вечерни или во раните утрински часови. Возењето во услови на мрак и намалена видливост само по себе носи предизвици и опасности. Кога на тоа ќе се додаде брзото возење, неискуството и заморот од „напорната“ ноќ, тогаш заканата станува многу сериозна и загрижувачка.

Посебно „популарни“ во летниот период се уличните трки во доцните вечерни часови кога булеварите и улиците се празни и кога возачите можат „машки да си ги измерат силите“ на улиците.

Сериозна грешка и однесување без минимум основа за било какво оправдување што го надополнува брзото возење, а најчесто ја прават машките (млади) возачи, е агресивното возење.

Најчесто ваквото девијантно однесување е последица на поголемо количество алкохол што младите го консумираат непосредно пред да седнат за воланот. Доказ за тоа се и последните контроли на сообраќајната полиција во повеќе градови низ земјава. Оваа „луда“ идеја е грешка која не само што ќе ве чини многу пари, туку може да ве чини и загубен живот.

Една од грешките што скоро никој и да не ја забележува е одвлеченото внимание. Една статистика вели дека 15% од сите незгоди во кои учесници биле млади возачи се случиле  кога во возилото освен возачот имало повеќе од еден патник на иста или на приближно иста возраст. Младите возачи забавата со друштвото ја продолжуваат во возилото низ градските улици, а желбата за докажување пред другарите ги води кон фатален исход.

Речиси и да нема млад човек – возач кој овие факти не ги знае или не е свесен за нивната важност. Сите ги знаат фактите, ризикот и опасностите, но не сите се придржуваат до нив.

Затоа РСБСП апелира до секој млад возач: Размисли пред да биде доцна. Животот е еден и нема цена, а сообраќајните незгоди не даваат втора шанса. Биди одговорен возач, биди позитивен пример за твоите пријатели и покажи како вистински се сака животот, младоста и семејството“, се наведува во соопштението на РСБСП.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...