Јанкулоска: Кацарска ќе ми одреди доктор за да види дали можам да присуствувам на „Тенк“

2938

Поранешната министерка Гордана Јанкулоска и обвинета во случајот „Тенк“ попладнево преку Фејсбук се пожали на третманот од судијката Кацарска во однос на нејзината состојба.

-Заложбите на Владата за заштита на жените и семејството се реализираат на дело. Дојде живот, нема веќе потреба од проекти на УСАИД за правна заштита на правата на жените, од осмомартовски маршеви за правата на жените организирани од Платформата за родова еднаквост, ниту потреба од организирање на вечери на женските права од страна на UN Woman и Институтот за човекови права. Адвокатите ме информираа дека на рочиштето за Тенк што беше предвидено за денес, додека бев во болница на преглед и примав терапија, за што до судот беше доставена медицинска документација, заедно со документацијата за уредно отворено задолжително породилно отсуство (кое според закон задолжително се отвара меѓу 45 и 28 дена пред породување), судијата Кацарска наредила да ми направат вештачење за да се утврди состојбата во која се наоѓам т.е. да ме прегледа доктор што таа дополнително ќе го определи за да констатира дали и покрај обемната медицинска документација и препораките од докторите за ризиците за детето, во последните недели од деветиот месец од бременоста навистина сум спречена да ги следам долготрајните рочишта кои се одвиваат во отежнати услови и на високи температури – пишува Јанкулоска.

Таа додава дека изгледа ова е тој „неопходен пресврт, како што доликува на една демократска Европска земја“ за кој зборуваше министерката Царовска по повод 8 март и „ова се конкретните дела за надминување на родовата нееднаквост и борбата против насилството врз жените“.

– Очигледно ова е производ на секојдневната работа на Владата „на исправање на неправдите и унапредување на правата на жените во Македонија“, за кои зборуваше ЗПВРМ Шеќеринска на 8 мартовскиот марш во Куманово. Адвокатите исто така ми пренесоа дека ставот на судијата е дека ако во меѓувреме се породам а не се донесе пресуда, најдоцна 40 дена по породувањето судењето морало да продолжи без оглед што по Законот кој го регулира породилното отсуство, јас и да сакам не можам да го прекинам пред да изминат 45 дена од раѓањето на детето. Но сега не можам да се оправарувам со ефикасноста на реформираното судство, во овој момент најважно ми е да се потрудам сето ова да не влијае на здравјето на детето – завршува Јанкулоска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...