Послушајте, патриоти!

Со нашата докажана долност и непропорционалната огромност на нашиот партнер во преговорите, секое решение – без оглед за кое име ќе се работи – ќе биде најдостоинственото и најхраброто нешто што сме го направиле во последните децении!

2718
grcev

Во деновите на продолжената приквечерина на грчко-македонскиот спор за името, не можам да се воздржам а да не ви го прераскажам, почитувани читатели, вицот што легендарниот Кожо му го кажал по телефон на Дежуловиќ, во два саатот по полноќ, според својот настран обичај. Елем, седат Мујо и Хасо во кафеана и се печат на пролетново сонце. Мујо срка кафе и тапо гледа пред себе со дефокусиран поглед, а Хасо ја нурнал главата во отворен весник на чијашто насловна се наѕираат зборовите „достоинство“, „идентитет“, „капитулација“, и што се не. Наеднаш, Хасо ја крева главата и го прашува другарот: „Богати, Мујо, а што се тоа имбецили? Некои животни, инсекти или некакви бацили?“ „Ма какви бацили,“ одговара Мујо, „тоа се луѓе, токму како што сме ти и јас“.

Претпоставувам дека нема потреба да го објаснувам значењето на клучниот збор во вицот – дека имбецил е латинскиот назив за малоумник, тапоглав или глупак, но сигурно ќе се запрашате како овој сјаен виц го поврзав со драматичните конвулзии на нашето повредено човечко достоинство, исправени пред историската одлука за промена на уставното име на државата?

Жртви на геополитиката

Признавам, асоцијацијата не е видлива отпрва и воопшто не е директна. Се работи за истата ситуација во која од позиција на Мујо гледано, еден негов сосем коректен исказ од вицот, се престорува во смешно признание дека и тој и другар му Хасо се имбецили – доколку исказот го „читаме“ однадвор, од позицијата на набљудувачи што уживаат во смешната страна на Мујовиот исказ. Оваа метода во науката се нарекува „децентрација“ – поместување на точката на гледиштето од центарот на случувањето, што во многу ситуации – не само во науките за човекот и општеството, туку и во природните науки – ја обезбедува точката на гледиштето од која единствено може да се наѕира „објективизираната“ или научно прифатливата вистина.

Така што, гледано од центарот на нашите души, кај што трансцендира неомеѓениот космос на нашето достоинство, гордост, самопочит, идентитет и што се не, ние сме најголемите жртви на една неправедна и нерамноправна геополитичка преорганизација на континентов, што се заканува да го оштети нашето вродено и со Универзалната декларација на човечките права гаранирано достоинство. Од таа спиритуална длабочина – и далечина! – гледано, тоа што некои народи истиот пресврт во политичката тектоника на Европа ги чинеше стотини илјади изгубени животи, што милиони други ја изгубија татковината и милиони трети мораа да емигрираат ширум светот, а десетици – да не речам стотици – милиони го загубија социјалниот статус и сигурната егзистенција, сето тоа изгледа далечно и замаглено во недогледот, во споредба со неподносливата болка на нашата повредена самопочит.

Но, ако се измрдаме некој сантим од центарот на нашата единствена и неповторлива вселена, ќе можеме да ги согледаме работите какви што ги гледа секој од надвор. И, ќе можеме да го видиме сето она што за овие три децении – од кога сме „свои на свое“ – а, особено последната деценија на нашето национално распаѓање и самокретенизација, ние самите сме направиле за да ја „сочуваме“ или заслужиме сопствената самопочит. Списокот на долни дела на самопоништување, цивилизациски и културен суицид е бескраен. Тука е пред се нашето одрекување од вистинските родители на Републиката, од вистинските херои што ја остварија  македонската државна и културна рожба, нашето криење на матичните документи закитени со петокраката ѕвезда, ничкосување на нашите книжевни првенци и творците на нашиот литературен јазик, кодификаторите на нашето кирилско писмо и втемелувачите на вредносните системи на просветителството, рационализмот, позитивизмот, секуларноста, еднаквоста и слободата.

Потоа, тука е фалсификувањето на нашата историја и нејзиното заменување со малоумната и фашизоидна митологија за ВМРО, и втемелувањето на гротескната митологија за нашето античко македонско потекло… Постои ли во овие злодејствија нешто достоинствено?

Најдостоинствено решение

Но, има уште многу: нашето сенародно потчинување на една лоповска банда на која и дозволивме да ја ограбува земјата цела деценија, да го заглупави населението до непрепознавање, да ни го смени нацоналниот идентитет во психопатски, и да обезбеди 80 отсто од нашите млади да сакаат да ја напуштат земјата, 66 отсто да се функционално неписмени, а 50 отсто да се невработени. Колку достоинство можеме да почувствуваме кога ќе се соочиме со фактот дека самите сме го урнисале сопствениот образовен систем до дереџето кое на ПИСА тестот за одредување на математичката, научно-техничката и литературната оспособеност македонските млади ги сместува на длабокото дно, на 69 место од 72 тестирани  нации? Дали постои нешто понедостоинствено на светот отколку на сопствениот пород да му ја уништиш иднината, онеспособувајќи го интелектуално?

Ако, значи, се поместиме од центарот на вселената на нашето рането достоинство, ќе здогледаме два конзистентни референтни системи со кои можеме да ја опишеме нашата ситуација во спорот со името. Првата споредбена референца се милионите факти за нашето сопствено национално самопонижување и самозаглупавување, а втората е големината на „противникот“ со кој преговараме. Тоа не е Грција, туку тоа се ЕУ, НАТО, ОН и САД – и тоа сите заедно! Во околности уредени со нашата докажана долност и непропорционалната огромност на нашиот партнер во преговорите, секое решение што ќе го постигнеме – без оглед за кое име ќе се работи – ќе биде најдостоинственото и најхраброто нешто што сме го направиле во последните децении! А, точно вели Мујо: имбецилите не се бацили, туку луѓе и патриоти токму како нас.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...