Ако од осамостојувањето на Македонија па сѐ до пред пет-шест години, учењето на албанскиот јазик претставуваше ретка појава меѓу Македонците, во поново време интересот за овој јазик е значително зголемен, повеќе приватни јазични училишта нудат курсеви по албански јазик, некогашната оскудна литература е проширена за неколку нови прирачници, а приватните часови по албански јазик моментно држат повисока цена од часовите по други странски јазици. Прилично високата цена на приватните часови по албански јазик, која се движи од минимум 500-600 денари за 45-минутен час, се должи на недостигот на поголем број квалификувани професори кои нудат часови. Месечните цени, пак, во училиштата за странски јазик, изнесуваат од 1.200 до 1.600 денари, додека во Центарот за странски јазици овие курсеви се значително поскапи.
– Веќе седум години предавам албански јазик претежно на Македонци, но и на странци, и можам со сигурност да кажам дека интересот за албанскиот јазик од година во година значително се зголемува – вели Садик Исени, професор по албански и англиски јазик.
Трендот на учење албански јазик, прво се појави меѓу лингвистите кои веќе зборуваат два или повеќе странски јазика, па потоа се прошири и кај Македонците кои бараат работа или подобра работна позиција, кај вработените во државните институции кои сакаат да си го сочуваат работното место или евентуално да напредуваат, и меѓу вработените во приватни фирми кои, најчесто поради трговија, соработуваат со албанскиот и косовскиот пазар.
– Се одлучив да учам албански од професионални причини. Пазарот во нашиот регион се состои од поранешните југословенски републики, но уште повеќе од Албанија и Косово, кадешто има можности за дополнителен професионален развој и соработка.
Земав индивидуални часови кај еден албанолог, околу четири месеци, и стигнавме да ја поминеме речиси целата граматика и голем фонд зборови. Со оглед дека сум јазичар, тоа не ми беше тешко – вели Лина Данова, лингивст, проект менаџер.
Студентот по туризам, Драган Костовски, кој работи во транспортна компанија која соработува со Косово и со Албанија, го совладал албанскиот јазик за период од една ипол година, но со секојдневна употреба на јазикот. Вели дека учењето на почетокот му било прилично тешко, но дека трудот вредел, зашто денес му служи и на работното место.
Сложена граматика, „учениците“ на мака
Според искуствата на оние кои се обиделе да го научат албанскиот јазик, првите чекори во јазикот се прилично тешки, а поголем е бројот на оние кои „креваат раце“ од учење уште во првите три до шест месеци.
– Учениците во почетокот можно е да имаат проблеми со изговорот на одредени гласови што ги нема во македонскиот јазик, но со вежбање и повторување тие проблеми се надминуваат. Освен изговорот, учениците се соочуваат со вокабулар за кој не можат да најдат асоцијација за да го запомнат. Се соочуваат и со граматика што е поразлична од македонската. Кандидатите што се откажуваат, се одлучуваат да се откажат бидејќи немаат доволно време за учење, а поретко слушам образложение ,,не ми одат јазици“ – објаснува професорот Исени.
Лингвистката Соња Аврамова почнала да го учи албанскиот јазик по наговор на нејзина пријателка, по професија докторка, која пак, чувствувала реална потреба да го совлада овој јазик поради контактот со албанските пациенти. Мотивите на Соња биле поразлични – полесно да дојде по подобра работна позиција.
– За разлика од другите јазици, кои многу побрзо ги совладав, кај албанскиот, почетокот траеше многу подолго. Како цела година да го поминував почетниот курс! Се соочив со зборови во кои доминираат согласки, тешки за помнење, слични, а со многу различно значење, некои зборови и премногу долги за да се изговорат. Ме мачеше сложената граматика, неправилностите на глаголите во минатите времиња, но и комплицираните форми за множина. А кога, конечно, почнав да го говорам јазикот, проблемите повторно се појавија, зашто се соочив со различноста во дијалектите. Беше прилично фрустрирачки кога едвај разбирав, кога ќе ми се обратеа на говорниот јазик, различен од литературниот кој го учев. Во меѓувреме, мојата пријателка докторка, се откажа, сметајќи дека е залуден трудот. Се откажаа и повеќето студенти од групата – го раскажува своето искуство Аврамова, професорка по француски јазик.
И Лингвистката Лина Данова мака мачела со запомнувањето на зборовите:
– Иако ми беше лесно да ја сфатам логиката на јазикот, сепак, мака мачев со запомнување на зборовите зашто главно ги слушав за првпат и не ми беа познати. До ден-денес немам запомнето сѐ, иако знам да се снајдам.
За дијалектните говорни различности, и за говорот во Скопје, свое видување ни даде правникот Скендер Рауфи:
– Гегскиот и тоска дијалектите се еден јазик со незначајни јазични модалитети, како на пример, струмичкиот со велешкиот дијалект. Албанскиот јазик е унифициран во 1972 година и тој е еден и единствен јазик. Доволно е да се научи литературниот албански јазик за да се комуницира со кој било Албанец, каде било да живее. Инаку, во Скопје се говорат повеќе дијалекти и, поради „контекстот“ од минатото, не сите скопјани, пред сѐ, геги, го зборуваат унифицираниот албански јазик. Но, се работи на ублажување, сѐ до елиминирање на овие проблеми.
А, колку време ни е потребно за да го совладаме јазикот ако претходно немаме никакво познавање од него?
– Иако граматиката на албанскиот јазик е прилично сложена, доколку лицето што решило да го учи јазикот е доволно мотивирано и постои желба, доволни би биле две ипол години за да се стигне до солидно ниво. По две ипол години учење во група, повеќето од кандидатите веќе зборуваат и можат да се изразат без проблеми во сегашно, минато и идно време. Доколку кандидатот одлучи да земе индивидуални часови, во тој случај ефектот е поголем – констатира Исени.
Исени објаснува и какви методи на учење применува за да обезбеди успешност.
– Се обидувам часовите по албански да бидат што покреативни, и имајќи предвид дека јас претежно работам со возрасни, кои на час често доаѓаат уморни од работа, се обидувам часот да не им биде дополнителен замор. Впрочем, и учењето граматика може да биде забавно, преку песни, наставни листови, дијалози и примери. Користам различна литература која изобилува со дијалози, одлични вежби и објаснувања. Сум собрал материјали од повеќе учебници и работни тетратки, а јас самиот сум составил и голем број вежби и примери кои ми служат како наставни помагала. Инаку, што се однесува на методите, се обидувам да ги користам најсовремените наставни методи, кои докажано даваат позитивни резултати – вели Исени.
За што ни служи албанскиот јазик?
Според мислењето на Садик Исени, кај повеќето Македонци главна мотивација е вработувањето, повеќето кандидати одлучиле да учат албански бидејќи, како што му рекле, по повеќето конкурси особено од амбасадите, невладините организации, ОБСЕ, УСАИД, итн., покрај другите квалификации се бара познавање на албанскиот јазик.
Но, искуството на лингвистката Соња Аврамова не се вклопува во ова слика.
– Искрено, не сум добила никаква предност ниту полза во однос на работните места. Ни на државните огласи, ни од странските невладини организации. Зашто работодавачите, кога издаваат огласи, наведувајќи дека предност имаат оние кои го познаваат албанскиот јазик, најчесто таа предност им ја даваат на оние со албански како прв јазик, мајчин јазик. Односно бараат Албанец, а не Македонец. Сум аплицирала на неколку конкурси, кои го потврдуваат ова мое мислење. Но, сепак, со познавањето на албанскиот јазик сум добила нови пријателства – вели таа.
И лингвистката Лина Данова со својот став е на оваа линија.
– Не мислам дека знаењето на албанскиот којзнае колку помага да најдете добра работа, конкретно во Македонија, ама секако се олеснува целокупното разбирање на албанскиот културолошки контекст, а тоа знае да е предност во одредени области – вели Данова.
Интересот за учење на албанскиот се зголеми и кај докторите и медицинскиот персонал, бидејќи особено во приватните болници има многу пациенти од Косово, и за да привлечат што повеќе пациенти, докторите го изучуваат јазикот.
– Пред извесно време одев во една приватна болница во Скопје каде им предавав албански на лекарите и медицинските сестри веднаш штом им завршуваше смената. Има многу приватни фирми што соработуваат со Косово и со Албанија, каде кандидатите што знаат албански јазик имаат предност да бидат унапредени во подобра позиција. Покрај вработувањето, има и голем број слушатели што учат албански за да се збогатат од интелектуален аспект, а неретко и за ментална гимнастика. Значи, на тие луѓе не им зависи работното место, туку го учат јазикот самоиницијативно, па дури и од љубопитност. Добар дел од слушателите велат дека албански сакаат да научат за да ги разберат колегите на работа, соседите, и да можат и тие да кажат нешто на албански – вакви се искуствата на професорот Исени.
Правникот Скендер Рауфи, пак, смета дека учењето на албанскиот јазик, од страна на Македонец, во нашето општество дава неколку предности: учење на традицијата, историјата, културата и другите особености за своите сограѓани, ја олеснува комуникацијата, ги отстранува стереотипите, ги зближува граѓаните од различни јазични ентитети, и го проширува економскиот ареал за продор во соседните држави, Албанија и Косово, но и на просторите со поширока албанска дијаспора.
Сепак, и покрај тоа што политичката сцена го форсира познавањето на албански јазик, државата не нуди никакви олеснителни околности за пристап до изучување на јазикот. На пример, недостигаат училишта каде бесплатно може да се учи јазикот.
– Се согласувам дека се нема огранизација, би додал дека се нема и желба, има отпори од дел на македонските сограѓани. Факторот време, организираност, уривање на стереотипите, желбата за учење на лабански јазик се „улов без кој не се може“ – вели Скендер Рауфи, и додава: Дали сум изненаден кога некој Македонец ќе ми се обрати на албански јазик? Не само што сум изненаден, туку сум и позитивно „шокиран“!