Успешни бизнис зделки со Франција ветува Форумот во Белград

177

Под мотото „Запознај го својот иден партнер од Франција и Балканот“, продолжува тридневниот бизнис форум „Франција – Балкан 2018“, кој се одржува во Белград, а на кој учествува и делегација на Стопанската комора на Македонија.

Активностите во текот на вториот ден се фокусирани на одржување на 6 тркалезни маси на теми од агробизнисот, автомобилскиот сектор, инфраструктурата, енергијата, дигитализацијата. Во текот на попладневните часови вчера беа претставени можностите и финансиската поддршка коишто ЕУ преку Берлинскиот процес и заедничките фондови ги нуди на земјите од Западен Балкан за поттикнување на економската соработка, како и полесно пробивање и наоѓање партнери за соработка со земјите од Унијата.

Од исклучително значење е панел-дискусијата за деловното опкружување и потенцијалите на Балканот за зголемување на соработката директно со Франција и индиректно преку Франција со трети земји, каде се дебатира како да се искористат добрите конекции и веќе воспоставената бизнис соработка на Србија и Франција во насока на стимулирање поголема трговска размена и инвестициски вложувања на целиот регион со една од најзначајните европски земји, Франција.

Македонските компании – учесници на Форумот, како дел од 40-члената делегација, одржаа серија билатерални средби со потенцијални партнери од регионот и директно со француските компании присутни на настанот, на којшто присуствуваат повеќе од 400 компании од 12 земји.

Ова е прв ваков голем настан на кој француските компании изразуваат сериозен интерес за соработка во регионот, вклучително и за соработка со компании од Македонија.

Покрај Германија, како наш најголем бизнис партнер, економскиот форум претставува одлична можност за потенцијални бизнис активности и со партнери од Франција во делот на дистрибуција на француски технологии, продукти, услуги на домашните пазари, набавка на нова опрема и технологии од Франција за подобрување на капацитетите, наоѓање француски партнери за заедничко аплицирање на тендери, како и за инвестирање во зголемување и проширување на производствените капацитети на Балканот. Се отвора можност и за регионално поврзување и потенцијално партнерство за заеднички настап на трети пазари.

За значењето на Франција како бизнис партнер, пред сѐ, на Србија, но и за регионот, како што истакна Ана Брнабиќ, претседателка на Владата на Србија, на отворањето на Бизнис форумот, говори податокот дека француските компании од 2010 година до 2018 година имаат вложено повеќе од 800 милиони евра во Србија, а вработуваат 11.000 лица. Вкупната трговска размена на Србија и Франција во 2017 година е над една милијарда евра со раст од 12 проценти на годишно ниво.

За споредба, вкупната трговска размена на Република Македонија со Република  Франција за периодот јануари – март 2018 година изнесува 50,3 милиони американски долари, што претставува раст од скоро 67,7% во однос на истиот период во 2017 година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 15,9 милиони долари со раст од 93,4%, додека увозното салдо изнесува 34,36 милиони долари со раст од 57,6% споредено со истиот период во 2017 година.

Заклучно со март 2018 година, евидентиран е дефицит на македонска страна од 18,4 милиони долари, зголемен за 35,3% во споредба со истиот период во 2017 година. Вкупната трговска размена на Македонија со земјите од Западен Балкан за 2017 година изнесува 1,41 милијарди долари и учествува со 10,50 % во вкупниот обем на размената.

Извозот на Македонија кон земјите од Западен Балкан изнесува вкупно 666,1 милиони долари или вкупно учество од 11,75 %. Увозот на Македонија од земјите на Западен Балкан изнесува 140,45 милиони долари или 9,6%. Во вкупната трговска размена со земјите од Западен Балкан, Македонија бележи дефицит од 74,3 милиони долари кој се должи главно на дефицитот во трговската размена со Србија од 304,8 милиони долари. Со останатите земји од Западен Балкан, Македонија бележи константен суфицит. Вкупниот дефицит во трговската размена на Македонија со земјите од Западен Балкан изнесува 3,63 % од вкупниот трговски дефицит на Република Македонија со светот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...