Факт е дека ако не се „грчиштата“ и ехото од „транспарентните владино-новинарски сеанси“ ние, македонската јавност, плебс, паства или што и да сме, блага врска немаме што всушност договара нашата влада. Се разбира, можно е само јас да не разбирам.
Вчерашната владина „свеченост“ по повод ослободувањето на земјава, (ние често се ослободуваме) по кој знае кој пат ни покажа дека т.н. седма сила, всушност е само транспортер на разно-разни електронски уреди за аудио-визуелно снимање на исто така разно-разни домашни и странски угледници. Не дај боже да се праша нешто надвор од сценариото! Оттука, можеби и е во право премиерот што прво реферира на нашите „пријатели и сојузници“ па на Ципрас, па на членовите на СДСМ и ГРОМ од Централниот одбор на СДСМ. Заев веројатно си мисли дека вакви какви што сме, ако ни каже повеќе, ние сигурно ќе ја расипеме работата. И ако не друго, вели еден пријател, Заев е барем добар, претходниот беше единичар!
Во меѓувреме, ДПМНЕ објавија дека работат на вториот дел на „Life of Brian“ и веќе монтирале трејлер кој ќе го претстават на 2. јуни. Реформаторите овој пат, биле одговорни за насловната нумера на филмот.
И недостасуваше уште Героски со неговите писанија (кому за жал нема причина да не му верувам) за писмото кое црковниве великодостојници го упатиле пред еден месец до Вартоломеј и мојот референдумски нагон е на максимум. Референдумот, тоа сум јас!
Затоа што, како што вели Павле Богоевски Независниот, тешко е да се соберат 61 пратеник и да го променат Законот за патни трошоци, но секогаш има 2/3 мнозинство за да се подигнат истите!? Јас, како што истакнав и погоре, можно е и да не разбирам, но, се плашам дека Павле сугерира некакво „меѓународно посредништво“ за решавање на тоа прашање!?
Додека министерот Филипче благо глаголеше да издржиме додека не се изгради новиот Клинички центар, за среќа се појави „самоубиствениот одред“ на Бачев, потпомогнат од разгоропадената Солза, а тоа само по себе е рецепт за уште еден Илинден и уште едно ослободување, се разбира.
И така, додека парламентарното мнозинство расте а истовремено кубури со кворум, додека Владата на дневна основа „кооптира“ синови и ќерки, золви и снаи, додека едните живеат, а другите гледаат, не е проблемот до вас. Сѐ е во ред со вашите очи. До сликата е!
И затоа почитувани непрокопсаници, пријатели и советници, отпадници и граѓани, велосипедисти и државни службеници, понизно ви го нудам линков Allways look up bright side of life доколку барем еднаш сте се запрашале – Што по ѓаволите барам тука?
Авторот е претседавач со Националниот комитет на ГДУ