Во време кога се очекуваат големите одлуки и кога се вжештува расправата околу позитивните и негативните последици од нив добро е да се потсетиме на некои аспекти од поголемата слика без кои не може да се градат ставови за сегашноста но и пред се за иднината на Македонија.
После одлуките на самитот на ЕУ од 8 и 9 декември 2011 се отворија многу прашања и дилеми од кои за нас е од посебно значење прашањето каде оди регионот наречен Западен Балкан, особено после членството на Словенија и конечниот прием на Хрватска, со што се дефинира западната граница на Западен Балкан кон ЕУ, односно се „врати границата помеѓу Османската Империја и католичка Европа‘“. Со членството на Унгарија, се дефинира северната граница, а со членството на Романија и Бугарија, односно на Грција, како и влезот на Црна Гора во НАТО се дефинира источната и јужната граница на Западен Балкан. Оттаму и дилемата колку се убедливи и колку може да се верува во, по подолг период скептицизам дека „вратите за Западен Балкан се отворени‘‘? Ова до толку повеќе што отворањето на таа врата е условено со барања кои, за секоја држава посебно и за регионот во целина, претставуваат многу сложени проблеми. Србија треба да го признае Косово, Македонија да го промени своето име, Косово да се стабилизира како ефикасна правна држава, Црна Гора да се справи со корупција, а Албанија да се дистанцира од националистичките структури кои ги наметнуваат идеите за „повторно обединување на Албанците“.
Дека не се работи за наивни пароли зборува фактот за брзото дистанцирање на албанскиот премиер Сали Бериша од иницијативата на 12 пратеници од косовското собрание за обединување со Албанија. Исто така според еминентни познавачи на приликите на Западниот Балкан ( Душан Релјиќ, од Германскиот институт за меѓународна политика и безбедност-SWP, во Берлин), иако оваа иницијатива, моментално се чини тешко остварлива, сепак „факт е дека постојните демографски движења неминовно водат кон натамошна етничка хомогенизација на тој простор‘‘. Според него „во мерка во која исчезнуваат перспективите на Албанија, Македонија и Косово, за брзо решавање на своите внатрешни проблеми и брзо го фатат чекорот на патот кон членство во ЕУ, во таа мерка ќе растат големо националистичките претензии на Западниот Балкан…
На крајот, како да се реши експеримент, наречен Дејтонски договор, во зовриениот „босанско-херцеговски котел.‘‘. Сето тоа треба да се оствари во време кога сонот за ЕУ како „ветена иднина‘‘ постепено бледнее, кога се уште членките на ЕУ мечтаат за сопствената држава и сопствениот егоизам и кога ЕУ, вака како што сега е поставена, како заедница составена од 27 држави „пати од дефицит на демократија‘‘. Всушност иако на прв поглед кризата низ која поминува ЕУ се дефинира како финансиска, таа по својата суштина е политичка слична на онаа која доведе до распадот на СФРЈ.
Институциите на ЕУ немаат сила да се наметнат во решавањето на конфликтот на интересите помеѓу развиените и неразвиените. Пред дилемата кој кого го експлоатира,
бриселските институции ја покажуваат целата своја немоќ. Затоа процесот на институционалното созревање на ЕУ во функционална заедница ќе биде долг и со многу предизвици.
Впрочем таквиот конфликт не е само на ниво на Унијата туку и внатре во членките на Унијата (во Белгија помеѓу Фландрија и Валонија, помеѓу северот и југот на Италија, помеѓу Каталонија и остатокот од Шпанија, помеѓу унгарското население и Романија и каде се уште не). Но ако на национален ниво може да се постигне согласност за солидарност на ниво на политички и правно не хомогената Унија тоа е скоро „невозможна мисија‘‘. Илјади Полјаци вечерта на 13 декември 2011 год, минаа низ улиците на Варшава и другите градови, носејќи ги паролите: „Нема праведна Европа без независна Полска‘‘, или „Еврото ја ослободува Полска‘‘ и како ЕУ ќе се справи со се поприсутната Орбанизација, прашања и дилеми кои ги актуализира францускиот Председател Макрон.
Може ли Европа која е соочена и со предизвикот на порастот на радикалната десница да ги прифати новите членки од Западниот Балкан кои носат не само политички туку и многу тешки социјални багажи (висока стапка на невработеност од 30%-70%, низок ниво на Бруто национален производ (БНП), кој во Хрватска, како најбогата во регионот, изнесува само четвртина или пак на Косово само 5%, од просекот на БНП во ЕУ. Да ги прифати земјите кои немаат изграден ефикасен безбедносен систем за спречување на „патот на хероинот‘‘ (само преку Косово транзитира околу 50 тони хероин годишно, што според вредноста е дупло поголем од годишниот БНП на државата која, секако, е само една од етапите на балканската рута кон Европа). Или пак зад земји со високи стапки на надворешни долгови (само Србија има надворешен долг од преку 23 милијарди евра), земји со високи стапки на надворешни миграции како единствен спас за „излез од тунелот‘‘ посебно во услови кога заради кризата
огромен број на работници во Унијата ги губат работните места односно кога стапката на невработеноста кај одделни членки (Шпанија) се искачуваше до
високите 22% на невработеност.
Економско социјалните услови во земјите од Западниот Балкан се основниот причинител, политичките структури, било да се на власт или во опозиција, својот опстанок на политичката сцена, до коку евроинтеграциските прицеси се блокираат, повторно да го побараат со враќање кон национализмот, како „стока‘‘ која најлесно можат да му ја продадат на осиромашениот народ кој се бори за гола егзистенција.
Од друга страна заради сопствените геополитичките интереси САД и Руската
Федерација Балканот не можат да ја толерираат ‘‘дупката‘‘ која е зад плеќите на
стратешките сили на НАТО на целиот појас, од Балтикот до целиот црноморски
појас – од Романија до Турција.
Секако дека на патот на остварувањето на стратешки цели на САД ќе се најдат
сите држави од регионот. Ваквата политика ќе продолжи и во наредниот период
до толку повеќе што овој регион денес е од особено значење за регионот на Блискиот и Среден исток каде позициите на САД се во процес на стално осцилирање и се во зависност од геополитичките интереси на Руската Федерација и Кина. Но, тоа сепак не е гаранција од локални судири кои се производ на борбата за власт на политичките структури. ниту пак да се чека решението на проблемите кои го оптоваруваат регионот да дојде само по себе или пак како одлука на некој центар од надвор.
Демократизацијата на сопственото општество и односите со соседите не се подаруваат, за нив треба да се изборат демократските сили од државите на
Западниот Балкан..Македонија е пред сериозен, би рекол историски, предизвик
за својот опстанок..