И оваа Влада, како и претходните, повеќе сака да ја тапша по рамо меѓународниот фактор, отколку да има поддршка кај сопствените граѓани, изјави вечерва Здравко Савевски, кој во жесток дуел со неговиот некогашен „соборец“ од Шарената револуција, Павле Богоевски, дискутираше за политиките на сегашната Влада, на денот кога таа одбележува една година владеење.
– Она што е карактеристика на сите што протестираа е дека се противеа на ненародното трошење на народните пари од страна на претходната власт и злоупотребата на власта од страна на претходната власт. Но, имаше два типа на демонстранти, едни протестираа за темелни промени во државата и идната власт да не биде како претходната, а други протестираа за фотелји. И сега дали целите се остварени? За оние што седнаа на фотелјите, целите се остварени. За оние што протестираа за принципи, не гледаат дека има разлики – изјави Савевски.
За Богоевски, тоа што Владата се насочи кон решавање на спорот со Грција, а со тоа и кон почеток на преговорите за НАТО и ЕУ, значи дека се работи на долгорочни стази за подобрување на животот на граѓаните и севкупната економија.
– Никој не се обидува да ги негира грешките во оваа една година. Тоа е и главната разлика меѓу оваа влада и претходната. Поддршката за целата Влада е намалена, бидејќи многу е тешко да се прифати дека политиките за долг рок не ги даваат резулатите веднаш – изјави Богоевски.