Отворен Спомен – музејот на франсцуските воени гробишта

326

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и францускиот амбасадор Кристиан Тимоние денеска по повод одбележувањето  на настаните од Првата светска војна во Скопје и во Битола и пробивот на Македонскиот фронт, ја отворија Спомен-куќата и музеј на Француските воени гробишта во Скопје.

–  Ми претставува особена чест што ја имам можноста да Ви се обратам на одбележувањето на годишнината од пробивот на Македонскиот фронт. По тој повод, денеска Скопје го добива овој музејски простор кој не само што ќе сведочи за Македонскиот фронт, туку и ќе биде симбол на врските и пријателството меѓу Франција и Македонија. Македонскиот фронт, кој се протегал од Охридското Езеро, па се до Орфанскиот Залив во Егејското Море е линијата каде што се одиграле едни од најкрвавите, но и најпресудни битки во Првата светска војна. Голем дел од градовите и селата по должината на  линијата на фронтот се срамнети до земја, а околу 200.000 Македонци учествуваат на двете страни од боиштето. Тука војуваат и француски, и руски, и српски, и грчки, и бугарски војски, а како што запишал еден современик на тие настани: Македонија станала некропола на странските војски-истакна  Шилегов.

Тој додаде дека само на ова место се наоѓаат посмртните останки на 2930 француски војници, од кои единствено 930 се идентификувани, а никој не може да каже дека во преостанатите 2000 незнајни војници нема и некој од овие краишта.

-Историјата ништо не ќе каже за обичните војници кои жртвуваа се што имаа, таа зборува само за водачи, генерали, статистики… Но, овој музеј и ова дрво ќе бидат симбол на пожртвуваноста и храброста на сите знајни и незнајни херои, но истовремено и опомена никогаш да не се повторат ужасите од војната-  порача Шилегов.

На Француските воени гробишта во Скопје  се наоѓаат тела на војниците коишто загинале за Франција  во времето на нападот на Сојузничките армии во Македонија во насока  на Скопје во септември 1918 година.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...