Институцијата Народен правобранител денеска одбележува 20 години од почнувањето со работа. Воспоставена е со Уставот во Република Македонија во 1991 година, но почнува со работа седум години подоцна во 1998 година, по донесување на Законот за народен правобранител и избор на првиот народен правобранител и неговите заменици.
– Низ годините безрезервно се вложивме во јакнење на Народниот правобранител како институција и нејзино признавање како поборник за права и правичност, како глас на народот против неефикасните органи и институции што беше оценето како еден од најсилните столбови во македонскиот систем за интегритет со високо ниво на транспарентност и отчетност – истакна Народниот правобранител Иџет Мемети на свеченото одбележување во Собранието на Република Македонија.
Во овие 20 години 125.320 граѓани доставиле претставки до Народниот правобранител. Постапувано е по 58.987 случаи, што се однесувале на 76.730 граѓани.
– За овие две децении констатиравме 17.711 повреди на човековите слободи и права, а во 13.776 случаи успеавме да им ги штитиме правата на граѓаните што не прави горди, но не поттикнува да продолжиме понатаму – рече Мемети, кој два мандата односно 14 години е на чело на оваа институција.
Како институција, рече тој, подоцна во изјавата за медиумите, гледаме можност сите различности да се сплотат без разлика дали како граѓани, како нации, како вери, јазици…, туку и како политика и како институција.
– Тоа мислам дека полека го постигнуваме. Со самиот факт дека денеска претседателот на Собранието нѐ почести овој настан да се одржи тука, претседателот на Владата нѐ увери дека ќе го следи и ќе го спроведува, е голем поттик ние уште посилно да одиме понатаму – рече Мемети.
Со новите измени на законите со кои Народниот правобранител добива нови мандати во однос на граѓанска контрола над полицијата, пријател на суд, промоција на човековите слободи и права, Мемети вели дека тој и неговиот тим се соочени со други предизвици.
– Верувам дека ако ја имаме поддршката прво од граѓаните, законодавната, извршната власт, а посебно од медиумите, ќе успееме многу квалитетно и многу полесно да одиме напред – рече Народниот правобранител.
Тој најави продолжување на мониторирањето на постапките на администрацијата, доследно следење на пулсот на граѓаните и нивните потреби, но и следење на светските стремежи, за хуманизација на човечките односи и воспостаување општествен поредок што ќе се карактеризира со високи принципи и свест за потребата од почитување на човековите права.
– Народниот правобранител е една од најважните алки во заштитата на човековите права и ќе придонесе со сѐ што е во наша надлежност да се унапреди неговата работа – истакна премиерот Зоран Заев, кој е покровител на одбележувањето.
Заев потенцира дека институционалното јакнење на Народниот правобранител било меѓу приоритетите на реформите во правосудниот систем и во разузнавачките и безбедносните служби во планот 3-6-9 на Владата и најави дека тие ќе останат на оваа листа на приоритети.
Тој посочи дека се одобрени десет нови вработувања кај Народниот правобранител, дека правобранителот е член на Советот за следење на имплементација на реформите во правосудството и дадени се ингеренции на правобранителството за правна рамка за градење надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата.
– ОЈО за организиран криминал и корупција ќе формира посебни одделенија само за дела што ќе ги сторат вработени во МВР и затворите, а вакво посебно одделение ќе биде формирано и во Народното правобранителство – рече Заев.
Премиерот апелираше до сите институции во државата за максимална отвореност со Народното правобранителство. Заев рече дека правобранителството ја има поддршката од граѓаните и од Владата, но исто така оти вработените во оваа институција ќе треба да возвратат со совесна и чесна работа.
Претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека во изминатите 20 години работење и постоење Народниот правобранител се потврдил како независна и високо професионална и стручна институција која во своето работење поаѓа од принципите на еднаквост во заштитата на правата и слободите на граѓаните, без разлика на пол, боја, раса, вера, политичка припадност и слично.
Но, Џафери смета дека би било фарса ако заштитата на човековите права се сведе само на институцијата Народен правобранител. Во однос на местото и улогата на Парламентот во заштитата на човековите права и слободи, посочи на законодавната димензија и на надзорната функција на Собранието.
Претседателката на Асоцијацијата на Омбудсмани на Медитеранот (АОМ) и омбудсман на Албанија Еринда Баланца кажа дека во 28-те земји членки на организацијата има унапредување на човековите права од пред десет години.
По повод 20-годишнината од Народниот правобранител во Собранието се одржа панел дисксуија на тема „Институцијата Народен правобранител во Република Македонија: почетоци, развој и предизвици“, на која учествуваа поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски, претседателот на Европската мрежа на национални институции за човекови права Лора Видовиќ омбудсман на Хрватска, Јасминка Џумхур, омбудсман на БиХ, како и поранешниот омбудсман на Албанија Ермир Добјани.
Денеска и утре во Скопје се одржува и десеттиот јубилеен состанок на Асоцијацијата на омбудсманите на Медитеранот во рамките на кој ќе се одржи конференција на тема: „Народниот правобранител како заштитник на социјалните, културните и еколошките права“.