Седумнаесеттото издание на ОФФест ќе се одржи од 31-ви мај до 5-ти јуни. Десет концерти, во пет фестивалски денови на три локации – МКЦ, МОБ и Клуб Епицентар. Како и секогаш, ОФФест ги носи најдобрите и актуелни имиња, претставници на таканаречената музика на светот.
– Тоа се светски познати и реномирани музичари со свој посебно препознатлив звук, кои создаваат нова и свежа музика, имаат концертни турнеи цела година низ целиот свет, издаваат албуми за најдобрите светски продуцентски куќи и имаат музички рецензии од врвни светски новинарски имиња. Впрочем, таков е и ОФФест, светски познат и признат фестивал. А како некој го вреднува кај нас по 17 години, со особен осврт кон институциите, тоа е посебна приказна која заслужува и посебно внимание – вели Зоран Ингилизов, проект менаџер на ОФФест во разговорот за Плусинфо.
Започнува 17-то издание на ОФФест. Со кои музички артисти ќе ја израдувате скопската публика?
– На наша голема радост, иако во исклучително тешка година од секој аспект, ќе имаме едно од најдобрите изданија досега и најобемен фестивал. Десет музички групи во 5 фестивалски денови. „Jupiter & Okwess“ од Конго, ни гостуваат по втор пат, а нивното прво гостување беше многу еуфорично. Очекуваме тоа да се повтори. „Фајтинг Виндмилс“ се единствената домашна група, која има одличен нов албум, со своја премиерна концертна промоција на ОФФест. Dirtmusic се „ол-стар“ група со Крис Екман (The Walkabouts), Хуго Рејс (The Bad Seeds на Ник Кејв) и Мурат Ертел (Baba Zula) и ќе ги видиме во едно психоделично-рок издание. Автентичните „Officina Zoe“ од Италија со својот хипнотички настап. Од Тунис, ќе гостуваат „Ifriqiyya Electrique“ со шаманско-индустриски-електро ритуал. Ориентален рок со најдоброто од Турција – Gaye Su Akyol и нејзината група. Магичните „Barmer Boys“ ја продолжуваат вековната индиска музичка традиција. „Trans-Aeolian Transmission“ ќе ни подготват свој специфичен аудио-видео перформанс. И за затворање на фестивалот, африканската кралица – Уму Сангаре. Најголемата африканска пејачка, која доаѓа од Мали.
Имате ли алиби зошто треба да се погледнат овие концерти? Што ги прави особени овие музичари?
– Ќе споменам еден многу интересен пример од минатата година. Во клубот „Станица 26“ ни гостуваа „Den Sorte Skole“, уникатно ди-џеј дуо од Данска. Добро ви е познат капацитетот на клубот во број на посетители. Само две недели подоцна, имаа настап како едни од хедлајнерите на еден од најголемите светски фестивали – Роскилде, пред 100.000 публика. За какво „алиби“ треба да разговараме? Во денешниот превртен систем на вредности ќе си дозволам да претпоставам, а се надевам, дека прашањето е поставено во контекст на преплавеноста од секаков музички шунд во Македонија, на кој и тоа како му треба алиби за своето постоење. Не сакам да бидам разбран погрешно и претенциозно, но на сите концерти, групи и музичари на ОФФест не им треба „алиби“. Тоа се светски познати и реномирани музичари со свој посебно препознатлив звук, кои создаваат нова и свежа музика, имаат концертни турнеи цела година низ целиот свет, издаваат албуми за најдобрите светски продуцентски куќи и имаат музички рецензии од врвни светски новинарски имиња. Впрочем, таков е и ОФФест, светски познат и признат фестивал. А како некој го вреднува кај нас по 17 години, со особен осврт кон институциите, тоа е посебна приказна која заслужува и посебно внимание.
Програмата е прилично набиена од 31 мај до 5 јуни. На кои се локации ќе се одржуваат концертите?
– Концертите ќе се одржат на три локации. Младински културен центар (31 мај, 1,2 и 3 јуни), Македонска опера и балет (5 јуни) и Клуб Епицентар (2 јуни, после полноќ). Во Младинскиот културен центар ќе има концерти и во Кино Фросина (2 и 3 јуни) и во Дансинг салата (31 мај, 1 и 2 јуни).
Покрај вечерните термини имате ли предвидено и полноќни концерни настапи?
– Имаме само еден полноќен настап. На 2 јуни, во летниот Клуб Епицентар, во Градски парк, ќе настапи DJ Mukambo со свој посебен ен afro-groove и afro-brasillian сет. Како локална подршка за оваа вечер ќе настапи и DJ Shurbe. Ветуваме одлична забава до раните утрински часови.
Сума сумарум што ја прави годинашнава програма различна од останатите?
– Годишната програма е само очекувана надградба на континуитетот во 17-годишната историја на ОФФест. Како и секоја година, за нас е најважно фестивалот да има свој личен „карактер“. На ОФФест треба да се гледа како целина, а не само на поединечни концерти, групи или музичари. Севкупната шареноликост и фузија од музички правци, музички култури и традиции од сите континенти и говорни подрачја, го прават ОФФест посебен и единствен фестивал од ваков тип во Македонија.