Шекеринска ќе добие орден „Командант за заслуги“ од Франција

1473

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска ќе биде одликувана со орден „Командант на Националниот ред за заслуги на Франција“. Високото одликување во име на Претседателот на Република Франција,  на министерката Шекеринска ќе ѝ биде врачено од министерката Женевјев Дариесек, државен секретар на Вооружените сили на Франција, утревечер на прием во резиденцијата на Франција во Скопје.

Орденот „Командант на Националниот ред за заслуги на Франција“ се доделува за истакнати граѓански заслуги, а воспоставен е во 1963 година од Генералот Де Гол.

Министерката Шекеринска го добива ова признание поради нејзиниот особен придонес кон развојот на односите меѓу Македонија и Франција, како и поради нејзината посветеност на промовирањето на европските граѓански вредности во Македонија.

Одликувањето е признание за талентот, вредностите и исклучителната храброст на министерката Шекеринска – потенцираат од амбасадата на Франција, и потсетуваат дека за време на мандатот на Шекеринска како заменик на претседателот на владата задолжен за европски интеграции, во 2005-та, Македонија од Европскиот совет го доби статусот земја – кандидат за членство во ЕУ, што претставуваше голем чекор за Македонија и позитивен сигнал за другите земји од југоисточна Европа.

– Ова одликување за мене е голема чест и мотив да продолжам по патот кој го одбрав –  да ѝ служам на мојата земја со сиот личен и професионален капацитет, сето свое знаење и енергија да ги употребам во борбата за она во што верувам – слобода, демократија, еднаквост, правда, напредок. Мојата цел е да придонесам колку што можам во зацврствувањето на европските вредности во мојата држава, Република Македонија, како рамноправна членка на НАТО и ЕУ,  во име и за подобар живот на граѓаните. Припаѓам на влада која ја врати земјата на европската и евроатлантската патека, ве уверувам дека патот на интеграцијата успешно ќе го изодиме – рече министерката во пресрет на свеченоста на одликувањето.

Министерката Шекеринска е прв политичар од Македонија што од Република Франција добива признание од овој ранг.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...