Мора да се вага што ќе изгубиме, а што ќе добиеме со промена на името. Инаку, кој е тој Македонец што не сака Реублика Македонија да остане Република Македонија? Таков јас не сум сретнал. Ова во вечерашната дебатна емисија „Само вистина“ го изјави амбасадорот Ѓорѓи Филипов.
Филипов за преговорите со Грција и позицијата на Македонија вечерва разговараше со Јове Кекеновски. И двајцата се согласија дека јавноста и клучните политички чинители во државата не се доволно информирани за процесот за надминување на спорот за името кој го води Владата, и дека и тие чуле за тоа дека министрите Димитров и Коѕијас договориле или се усогласиле околу некоја рамка , но не знаат која е суштината во таа рамка.
– Мене ми е незамисливо што премиерот договара, а не се консултира и со опозицијата и со претседателот. Не може откако ќе заврши сето тоа да го информирате претседателот на државата. Зошто лидерите на партиите кои партиципираат во Собранието не седнат и претходно да утврдат за што ќе говорат и каде. Оттаму и силата на преговарачот е многу поголема, а впрочем и поддршката ќе биде многу поголема во јавноста и нема да имаме таква поделба. Затоа нема да имаме консензус
и сме ранливи – изјави Кекеновски.
Амбасадорот Филипов смета дека сме на чекор, но не знае дали решението би било тука и сега.