Како што стојат работите, деновиве привршува еден голем американски проект започнат пред отприлика 28 години: создавање на независна, суверена Република Македонија, во републичките бившојугословенски граници утврдени по завршувањето на Втората Светска војна. Да, дефинитивното име на таа држава ќе го дознаеме деновиве (како што се гледа, завршена е таа работа), а потоа следи брз прием во НАТО и добивање датум за преговори со ЕУ.
Немојте да имате никакви сомневања дека зад тоа стои долгогодишниот американски национален интерес – кој разбира што е тоа, тој сфаќа за што станува збор – со цврсти безбедносни гаранции за нас во сите изминати три децении, дури и кога нам ни се чинело дека сме заборавени и оставени на фантазиите и грдите епизоди на балканските национал-шовинистички авантуристи од сите околни географски должини и широчини, а пред сè од овие во самата Македонија, Македонци и Албанци.
Голем број граѓани во Македонија, немајќи доволна дистанца од вителот на историските настани низ коишто поминуваме во последните неколку децении, немаат точна проценка за круцијалната важност на ставот на САД низ гарантирањето на, пред сè, безбедноста на Македонија, да се влијае врз стабилноста на целиот Балкански регион. Тоа е дијаметрално спротивната позиција на она што го бевме навикнале како европски приод кон регионот низ и по распадот на Османлиската империја, за низ „одржувањето“ на нестабилноста токму на Македонија (со „паузата“ од четириесетина години за време на СФРЈ) да се „негува“ јужноевропското геополитичко поткусурување.
На тоа играше и Милошевиќ кога се договараше за поделба на Македoнија со Мицотакис (постариот) на почетокот од деведесеттите, што Европејците – да не се вмешаа САД – радо воајерски ќе си го премолчеа. Слични антимакедонски амбиции негуваа и другите балкански шовинисти. И секогаш со ист исход: ќе тргнеа, па ќе застанеа сепнати пред извишеното знаме на Pax Americana овде длабоко забиено, до денешни денови, дури кога и Русија и Турција се обидуваат да плеткаат по Балканите.
Ова, сепак, не значи дека таквата американска политика кон Македонија во последните три децении постојано била стопроцентно будна или секогаш доволно убедливо предупредувачка. Поминавме ние низ разни домашни кризи што, главно, самите си ги произведовме, иако за нешто од тоа бевме пријателски советувани да не го правиме. Но, на крајот, најголемата светска сила имаше трпение за сите наши и за сите соседни глупости кон Македонија, за смирено да го дочека испуштањето на „вентилот“, па потоа да нè „запегла“ на издишано.
Добро, добро, ќе има на слични теми уште по некој „сенароден митинг“ и разни националистички и антизападни врескања по преостанатите пропагандни медиуми и социјални платформи на десницата и на крајната левица. Но, тоа е повеќе во својство на „лижење на раните“, пред и тие, најтврдокорните, да се помират со фактот дека, повторно, историјата ги остави на погрешната страна на македонските национални интереси.
А не дека не им беше дадена шанса. Самите одбраа да бидат националистички горделиви, инаетчии, нурнати во стогодишните балкански заговори, а потоа и без мерка алчни и зли. И си заминаа завивајќи дека се последните „бранители на името“, жртви на своето наводно родољубие и политичка принципиелност.
Бре, бре, бре… Жртви се на сопствената политичка мегаломанија, на коруптивната забеганост и на немоќта рационално да расудуваат. За малку и нас ќе нè понесеа со себе на патот во еден правец на кој беа кинисани.
Но, потоа дојде шумарот…
Извор: Цивил Медиа