На 70-тата седница на Владата е разгледана и прифатена информацијата за изменување и дополнување на Годишната програма за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и на Црвениот Крст на Република Македонија од приходите од игри на среќа и од забавните игри. Министрите ги прифатија и измените на одлуката за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри за 2018-та година.
Согласно годишната програма и согласно законските решенија ќе се финансираат дополнителни програмски активности во областа на детската и социјалната заштита на Црвениот Крст. Организацијата ќе обезбедува пансионски услуги за корисниците и волонтери за поддршка на реализација на проектот: „бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик, деца корисници на посебен додаток и други права, со цел придонес во подобрување на социјализација на деца од семејства со социјален ризик“.
Црвениот Крст ќе ги спроведува стратешките определби на организацијата на национално и локално ниво кои овозможуваат да се креираат програми за подобрување на здравјето на луѓето и унапредување на социјалната интеграција на населението во заедниците, воспоставување на семејни врски во случај на разделени семејства, промовирање на меѓународно хуманитарно право, како и унапредување на системот за подготвеност и дејствување при катастрофи.