Партијата ДПМНЕ штетна за Македонија

Со доаѓањето на Мицкоски на чело на партијата ДПМНЕ, ништо не се промени во делувањето на партијата како опозициска, таа и понатаму е крајно деструктивна.

588

Кога ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година дојде на власт со Никола Груевски за премиер на Владата, партијата ја етаблира, постави војничка хиерархија, воспостави совршена структура со јаки општински комитети со свои луѓе на чело и таа разработена партиска структура успешно ја користеше за избори, а тие се правеа на секоја втора година во периодот до 2016 година. На државен план Владата на Груевски воспостави партиски инсталации во сите државни институции, во судството и обвинителството, ја партизира до максимални граници јавната администрација, всушност целата држава стана партиска држава на ДПМНЕ, исто како во едноумниот социјализам.

Ова се познати работи, посебно што го преживеевме тој режимски систем во Македонија под апсолутна контрола на Никола Груевски. Беше ми зборот друго. Откако ја консолидира партијата, откако ја партизира целата држава вклучувајќи го и правосудниот систем и медиумите, од 2008 година наваму се даде на пљачкање на државата. Намерно го употребив зборот пљачкање зашто се работи за големи пари, а крадење е за мали пари. Се претпоставува дека за целиот период на владеење на партијата ДПМНЕ, од земјата се изнесени повеќе од 4 милијарди евра, износ за кој е осиромашена земјата.

Деструктивна опозиција

Со промена на власта, знаеме како тоа се случи, партијата ДПМНЕ стана опозиција во овие 11 месеци или нешто помалку од една година. Пресни се сеќавањата како се однесуваше како опозиција, крајно неконструктивна, деструктивна, одмазднички затоа што некој друг им ја зел државата која била нивна, примитивно без никаква елементарна култура да не зборам за политичка култура, без срам и морал… Едноставно по секоја цена сакаа да го парализираат парламентот и да изборат нови парламентарни избори на кои, по нивно мислење, пак ќе дојдат на власт. Локалните избори ги разбуди од сон, ги изгубија катастрофално и остана само со три селски и еден градски градоначалник.

По локалните избори дојде до смена со назначување на Христијан Мицкоски за лидер на партијата. Смената настана пред пет-шест месеци, но политиката и однесување на партијата како опозиција не се промени. Никола Груевски си постави човек по негова мера, дури Мицкоски почна и да го надминува неговиот ментор почесен претседател на партијата во целокупното делување на ДПМНЕ како опозициона партија исто како и пред смена на лидерите. Се сеќавам на еден разговор со покојниот мој професор Никола Кљусев, некаде во 1987-1988 година, вели, замислете на некој општински комитет на КПМ да поставите еден глуп секретар, тој понатаму на сите раководни места во општината ќе поставува поглупи луѓе од него. Не се работи за глупоста, Никола Груевски си постави човек по негова мера, ептен приврзан, лојален, крајно послушен – подобар не можел да најде.

Со доаѓањето на Мицкоски на чело на партијата ДПМНЕ, ништо не се промени во делувањето на партијата како опозиција, таа и понатаму е крајно деструктивна, ги кочи донесување на законите во парламентот, а кај што се бара двотретински мнозинство кај реформските закони не ги гласа или ја уценува Владата на СДСМ за отстапки што таа не е спремен да ги даде. Го слушам Мицкоски и му се чудам на паметот, вели, Владата на СДСМ не ги донесува законите за реформи, не спроведува реформи кои ги вети на граѓаните, а јавноста знае дека тие не можат да се донесат без гласовите на опозицијата! Каква перфидност и безобразност. Во поглед на преговорите за името, опозициската ДПМНЕ се однесува како чаршиски сеирџија, глуми неинформираност и по секоја цена прави тие да не успеат. Да не ги редам сите опструкции што ги прави и по мое мислење нема шанси тоа да се промени. ДПМНЕ сега игра на картата да предизвика предвремени парламентарни избори. Првиот почеток за паѓање на Владата на Заев, според нивно мислење, е 2 јуни кога е закажан протест на партијата ДПМНЕ, а како тоа ќе го изведат тие си знаат. Мене ми личи како басната за лисицата и овенот, кога мислела дека мадињата, кои висат до земјата, ќе му паднат.

Што е заклучокот. Партијата ДПМНЕ нема некои стратегиски цели во интерес на Македонија за нејзиниот развој и подобрување на животниот стандард на народот и покрај тоа што тоа е напишано во нивната програма. Програмата ја користат за манипулација со избирачите, и со многу познати манипулации да не навлегуваме во нив, за добивање на изборите и доаѓање на власт. Откако ќе дојдат на власт, тие преку разработен популизам создаваат виртуелна стварност дека земјата се развива, се гради, се вработува, економијата оди напред, стандардот се подобрува итн. Итн., што пали кај добар дел од народот, посебно ако добиле некои ситни привилегии (привремено вработување и сл.).

Невиден апсурд

При таква „виртуелна убавина“, партијата ДПМНЕ кога е на власт единствено ја интересира пљачкање пари од буџетот преку тендери, провизии, рекет и на многу други испробани начини. Кога се во опозиција, единствено се концентрирани на деструкција, опструкција, граѓански протести, сè со цел пак да дојдат на власт. По нивно мислење само партијата ДПМНЕ е предодредена да биде на власт, одат по искривена логика дека државата е само нивна! Не случајно Никола Груевски изјави дека тие ќе владеат 100 години. Или кога сакаше партијата ДПМНЕ да ја преобрази во општонародно движење, нешто слично на Народен фронт, НОБ и сл.

Видете каков апсурд. За цело време опозицијата ДПМНЕ ја критикува власта дека немало реформи, дека немало независно судство, партизирана администрација, непотизам, дека власта била корумпирана, дека имало криминал, државата била заробена и да не должам, едноставно ја критикува власта за оние работи што тие кога беа на власт истото постоеше во невидени граници. Човек не може да разбере, дали овие луѓе мислат дека тоа што го правеле тие како власт сега за истите работи ја критикуваат новата власт што тоа не го прави, напротив се бори да ги отклони. Не би рекол дека тие се толку глупави, тоа е нивна тактика „се прават на Тошо“, а сите нас нè прават будали. Невиден апсурд!

Да се вратиме на поедините членови на партијата. Тоа е посебна прикаска. Отсекогаш сум се прашувал, а и сега тоа не ми е јасно, како е возможно сите членови на партијата исто да мислат. Всушност, тие не мислат за некакви стратешки цели на партијата, сите до еден, без исклучок, ја напаѓаат конкурентската партија СДСМ, особено нивниот лидер, порано Бранко Црвенковски, а сега Зоран Заев. Кога разговараш со кој било нивни член, онака на простачки начин ќе одбруси како Заев е криминалец, Грујче е злато човек, ајде да идеме на избори и зошто не сакате, името ќе го продадете и многу други глупости, сите поврзани со навреди и омаловажување на Заев. Тоа е чудо невидено! Јас не можам да си објаснам што се случува!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...