Боро Рудиќ: „Егзит“е потреба за барање подобри форми за живеење

275

За сѐ е виновна таа рачно изработена хартија, која има свој карактер и против него не можете. Кога го сфатив тоа, морав да го скршам моето фотографско его во обидите јас да се наметнувам во решението. Морав да се прилагодам кон хартијата и нејзината визуелна и ликовна естетика, за да го добијам тоа што сакам, вели фотографот Боро Рудиќ, ветеранот во македонската современа фотографија и носител на највисокото фотографско звање, Мајстор на фотографија.

Новата фотографска изложба на Боро Рудиќ, насловена „Егзит“, вклучува 45 фотографии направени на рачно изработена хартија, а поставката е преточена и во богато опремена монографија со ист наслов.

Во КИЦ се отвори Вашата нова изложба на фотографии насловена „Егзит“. Егзит како излез или како бегство од секојдневието? На кого се однесува овој излез?

– „Егзит“ е излез кон нешто подобро. Во контекст на мојата изложба, егзит е потреба за барање подобри форми за живеење, потреба да се напуштат овие мегаполиси, градови, кои со своето растење само ја зголемуваат отуѓеноста. Изложбата е поделена во четири дела. Првиот дел или „Entry содржи фотографии кои се однесуваат на човечкото тежнеење за влез во градовите. Вториот дел или „Messages се пораки на градот, преку кои се чувствува отуѓеност, меланхолија и празнина. Овој дел содржи најголем број фотографии. Со нив сакав кај внимателниот набљудувач да создадам емотивна состојба на осаменост и блага тегобност. Во третата група фотографии, под насловот Exit, преку знаци и симболи, давам императив за потребата на движење надвор од градот, односно за неговото напуштање. „Finish е последната група фотографии кои го претставуваат наслутувањето. Во нив не давам конкретно решение, туку само наслутување дека таму, надвор од градот, има нешто подобро. А, што е тоа, треба сами или заедно да го откриеме. Генерално, егзит е промена, било каква промена од која не треба никогаш да се плашиме. Веројатно, секогаш е подобра, ако ја пробаме.

Претставивте фотографии во необичен стил, изработени со специфична техника на специфична хартија, врамени како уметнички слики. Колку време и како работевте на овој предизвик?

– Легендарниот фотограф, Ансел Адамс, има речено дека негативот, фотографската снимка, е музичка партитура, додека принтот е изведба. Јас сум од оние фотографи кои сакаат своите дела, но и делата на другите фотографи, да ги гледаат отпечатени во принт форма. Сметам дека со принтот авторот го затвора својот авторски чин. Со изборот на хартија, текстура, формат, тоналитет, колорит, тој ни го презентира тоа што го гледа или го има видено во текот на снимањето на фотографијата. Тоа е тој перформанс, изведба, за која зборува Адамс. Уште во 2010 година бев заинтригиран да пробам да ги печатам моите фотографии на рачно изработена хартија. На почеток, резултатите од тоа беа катастрофални. Таква хартија, едноставно, не е предвидена за печат, таа не е фабрички пигментирана ниту подготвена за тоа. Тоа е сирова хартија, во буквална смисла на зборот. Во тоа време почнав да работам на една друга изложба и монографија, „Настанување-нестанување“ со која бев окупиран до 2015. По неа, повторно се вратив кон истражувањето, а резултатот од тоа е оваа изложба.

Ја промовиравте и монографијата која ги содржи сите фотографии од изложбата. Ви станува ли пракса Вашите изложби да ги поддржите и со монографии?

– Монографијата е за мене значајна како и самата изложба. Таа има чист авторски, субјективен пристап, односно претставува изложба преточена во книга. После толку години бавење со фотографија, сфатив дека самите изложби имаат краток век. Фотографиите полека исчезнуваат, дел ќе продадете, дел ќе подарите, а дел ќе натрупате во некое ќоше. Книгата е таа во која ќе остане запис за неа. Затоа, како и на претходната изложба, и на оваа, паралелно со неа издадов монографија. Мислам дека монографијата е значајна за македонското фотографско издаваштво. Нормално, во Македонија се издавани ред книги кои ги претставуваат убавините на Македонија, манастирите или кои содржат некои други документарни нарации, но сите се издадени со некоја цел, од владини или невладини организации. Оваа монографија е луксузна, со тврд повез, испечатена на 96 страници. Содржи и фотографија, рачно испечатена, со потпис и номенклатура, која е подарок за читателот. Дизајнот е на Игор Настевски, кој со својот исклучително рафиниран дизајнерски ракопис ја збогати монографијата, а предговор напиша проф. д-р Јасмина Котевска.

Каде ги баравте пределите кои ги фотографиравте? Беа ли тие случајни или однапред одбрани?

– За сѐ е виновна таа рачно изработена хартија, која има свој карактер и против него не можете. Кога го сфатив тоа, морав да го скршам моето фотографско его во обидите јас да се наметнувам во решението. Морав да се прилагодам кон хартијата и нејзината визуелна и ликовна естетика, за да го добијам тоа што сакам. Пределите не ги бирав. Тие се составен дел на секој град и треба само да ги видите. Некои фотографии веќе ги имав, а добар дел посебно ги снимав кога ќе почувствував дека ми влегуваат во фотографската приказна која, од една страна, веќе беше дефинирана, а од друга страна, имав чувство дека максимално добро ќе се вклопат со хартијата.

Што значи фотографијата за Вас во емоционална смисла?

– Одговорот на оваа прашање веројатно ќе беше различен во различни периоди од моето творење. Сега, после 40 и кусур години, ме замисливте, како тоа да го кажам во неколку збора, а да не звучи како некоја фраза. Најверојатно, по толку години, таа стана составен дел од мене, стана ново чувство кое го поседувам, а кое во себе содржи мешавина на задоволство, исполнетост, смиреност.

А во практична смисла?

– Погонско гориво. Нешто што ме тера да размислувам, ме тера понатаму да создавам, ми дава смисла за живеење и прекрасно чувство на создавање.

Кој нов тип на фотографија би сакале да го истражите?

– Подводна фотографија. Неискуствен свет за нас, специфично светло и простор, и најважно, креативно фотографски сѐ што е неистражен простор. Многу сакам да нуркам, а тој подводен свет е неверојатен. Пред неколку години се обидов да снимам под вода, исклучително е напорно и физички, и во организациска смисла, но сѐ се заборава кога ќе ги видите направените фотографии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...