Новиот план за фазно решавање на спорот за името, што според грчките медиуми веќе бил усогласен меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас (чекам потврда и од македонска страна), содржи две добри и една лоша вест. По мојот стар обичај, прво ќе ја соопштам лошата вест.
Имено, сѐ упатува на претпоставката дека двете страни разговараат за име кое ќе биде за целосна меѓународна, но и за целосна домашна употреба во нашата земја. Знаете веќе, јас лично не сум среќен поради тоа. Во мојата колумна под наслов „Точка од која нема враќање“, објавена на 13 мај годинава, напишав дека „никој никогаш од македонска страна не преговарал за име со кое ќе ги преименуваме сите институции во нашата земја, не за име со кое ќе применуваме буквално сѐ од Гевгелија до Табановце, не за име чија употреба во Македонија на Грците никаква суштинска полза нема да им донесе (освен што ќе задоволи нечии каприци), а за нас сепак ќе значи поткопување на темелите на македонскиот национален идентитет“. За жал, прв пат се сомневам дека се преговара токму за такво решение. Но, да не бидеме претерани песимисти, да видиме каква „уставна ревизија“ ќе договорат двете страни, ако договорат.
Референдум за двотретинско мнозинство во парламентот
Добрата вест е што премиерот Зоран Заев, кому му посакав и му посакувам успех во преговорите, новото решение што ќе го договори и што ќе го ратификува во парламентот, сепак ќе мора да го „провери“ на брз референдум. Според планот за кој пишуваат грчките медиуми, референдумот би се одржал рано, во септември или во октомври. Според тоа, граѓаните на Република Македонија плебисцитарно ќе одлучат дали го прифаќаат решението во неговата целина, односно договорениот пакет. Со оглед на фактот што најверојатно ќе станува збор за комплицирано и сензитивно решение, одлуката да се оди на референдум е коректно и демократско решение.
Втората добра вест е што преговарачките страни, како и оние што помагаат преговорите да успеат, конечно бараат реалистично решение, такво што Заев објективно може да испорача. Во колумната што ја цитирав погоре, напишав дека „Скопје и Атина најверојатно ќе се договорат да потпишат меѓусебна спогодба за спорот за името, но спогодба во која ќе се предвиди рок за имплементација на решението во нашето (домицилно) законодавство, најверојатно со промена во Уставот“. Го напишав и ова: „Општо земено, идејата спорот да се реши со спогодба со комплетно обврзувачки одредби и со рок за имплементација е одлична и единствено можна, всушност. Зошто? Затоа што во овој момент владата на Заев објективно не може да стори ништо друго освен да потпише спогодба со владата на Ципрас и да ја ратификува во Собранието. Во македонскиот парламент во овој момент не постои двотретинско мнозинство за било каква промена на Уставот. Дури ни за таква каква што веројатно ќе биде нужна за да се ‘зацементира’ договореното“.
Проблемот е решен на еден не многу креативен, но единствено можен начин – резултатот од раниот референдум, кој според членот 73 став 4 од Уставот е обврзувачки, ќе го обврзе парламентот да го потврди решението за кое ќе се изјаснат граѓаните. Ќе има тука повлечи-потегни, толкувања според кои никој, па ни плебисцитот, не може да ги натера пратениците да гласаат спротивно на своето лично убедување, но за среќа, Уставот во таа смисла е прилично прецизен. Како и да е, најдена е единствената можност да се реши клучниот проблем на владата на Заев – недостиг од двотретинска поддршка во парламентот за она што Грците го нарекуваат „уставна ревизија“.
Се разбира, лоша вест е и фактот што сѐ до завршувањето на договорените обврски од страна на владата во Скопје, поканата за нашето членство во НАТО најверојатно ќе биде условна, а преговорите за членство во ЕУ нема суштински да почнат, иако, се надеваме, датум за формален почеток на преговорите ќе биде утврден. Велам, тоа е лоша вест, но кога веќе се прифаќа еден ваков „возен ред“, редно е да се каже дека договореното мора да биде фер и за Атина. А фер е грчките преговарачи да бидат сигурни дека договореното ќе се исполни.
Време е да проговорат тие што ќе одлучуваат
И уште нешто е многу важно да се каже. Како што доаѓа моментот на одлука, односно „точката од која нема враќање назад“, така почнува и сериозната обврска на премиерот Заев, на неговите први соработници во Владата и во СДСМ, на неговите коалициски партнери, сложно да го промовираат решението на кое Македонија чека 25 години. Заев е спремен да демонстрира лидерство и да донесе одлука, што е факт што мора да се респектира. Но, негова е и обврската процесот да го спроведе до крајот, до референдумот, а и потоа (ако референдумот успее). А тоа значи дека во периодот што претстои, политичарите од власта, но и од опозицијата, експертите кои се афилирани на овој или на оној начин, но чија експертиза е неспорна, ќе имаат и обрска и ексклузивна можност конечно да ги коментираат преговарачкиот процес, договореното решение и фазите на имплементацијата.
Дневниот весник „Слободен печат“, неговото он-лајн издание и порталот Плусинфо на сите им стојат на располагање, во една инклузивна дебата, да ги искажат своите експертски мислења и особено политичките ставови за оваа тема. Граѓаните, кои ќе одлучуваат на референдум, имаат и потреба и право да бидат запознаени со погледите и со аргументите на клучните актери на македонската политичка сцена. Затоа, наша заедничка обврска е да им отстапиме простор за една таква, би рекол, историски важна јавна дебата.
Што се однесува до мене, сметам дека е прашање на професионална обврска и на лична култура, медиумите со кои раководам да ги ослободам од притисокот на моите лични ставови за овие прашања. Барем до референдумот. Рака на срце, во изминатиов период, пишував многу и го кажав она што сакав да го кажам. На некои им се допадна тоа што го застапував, на некои не. И сето тоа е нормално во едно демократско општество. Впрочем, како што сум нагласил повеќе пати, мојот личен став никого на ништо не обврзува. Во секој случај, сега е време ние „дрвените адвокати“ малку да си помолчиме, а да зборуваат тие што имаат мандат од народот да носат важни политички одлуки.
Нив им го отстапувам просторот. I rest my case!