Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднесе обвинителен акт против двајца државјани на Република Србија и петмина македонски државјани поврзани со случајот со најголемата лабораторија за производство на синтетичка дрога – амфетамин откриена во Југоисточна Европа.
Како што соопшти Јавното обвинителство на РМ, на лицата им се става на товар дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, еден од обвинетите се гони за кривично дело „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од чл.396 ст.1 од Кривичниот законик.
– Предметот е резултат на неколкумесечната истражна постапка и меѓународната правна соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со Јавното обвинителство за организиран криминал во Република Србија, наведуваат од ЈОРМ.
Според наводите, во текот на 2017 година обвинетите како меѓународна организирана криминална група во двете држави неовластено купувале, држеле, пренесувале и посредувале во продажба и купување на психотропни супстанции и прекурзори. Тие набавувале и опрема и материјали за кои знаеле дека се наменети за производство на психотропна супстанца – Амфетамин стимуланс на централниот нервен систем (ЦНС) класифициран во Националната листа во Листа 2 на забранети опојни дроги и психотропни супстанции. За таа цел, обвинетите во повеќе наврати остварувале меѓусебни контакти и средби во Република Србија и Република Македонија.
Дел од набавените материјали, супстанции и прекурзори, ги сместиле во објект во село Батинци, општина Студеничани, а дел во објект во Тетово, каде инсталирале функционално техничко – технолошка целина. Во објектот во Тетово, сега обвинетите, започнале процес на преработка на различните материи, супстанции и прекурзори и производство на психотропна супстанца – амфетамин.
При претрес на двете локации, од страна на полициски службеници се пронајдени и одземени различни машини и опрема, како и 67 најлонски кесички со вкупно 204.696 таблетки што содржат активната компонента Амфетамин, со вкупна нето маса од 35,044 килограми, 910.415,5 таблетки различно спакувани со лого каптагон што содржат активната компонента Амфетамин, со вкупна нето маса од 155,864 килограми, психотропна супстанца Амфетамин со нето маса од 52,263 килограми и поголемо количество на супстанции што претставуваат меѓупродукти и продукти од споредни реакции во процес на добивање на амфетамин, како и прекурзори класифицирани во Националната листа во 1 и 3 категорија на прекурзори. При претрес на дом на еден од обвинетите е откриено оружје кое обвинетиот неовластено го поседувал и тоа еден полуавтоматски пиштол „Црвена застава М57″ без рамка, две празни рамки за пиштол М57 и 85 куршуми со калибар 7,62х25мм.
Поради постоење на опасност од бегство, надлежниот обвинител со Обвинителниот акт предложи и продолжување на мерка притвор за сите обвинети, наведуваат од ЈОРМ.