За уставни промени и ерга омнес решение потребна е смела одлука од премиерот Заев за да има договор, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во интервју за грчкото радио „Њуз247“.
– Всушност, во овој момент тежината за постигнување договор е навистина кај другата страна. Потребна е смела одлука од страна на премиерот Заев за двете прашања за кои имаме дискутирано, за уставни измени во врска со името и прифаќање на ерга омнес решение, за да се реши проблемот – рече Катругалос и додаде дека токму ерга омнес и промената на уставот се грчките црвени линии за да постои пакет договор.
Сето ова, според него, е пакет и токму затоа ништо не е договорено, сѐ додека не се договори сѐ.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, алтернативниот грчки МНР уште еднаш рече дека е оптимист за решение, а договорот е блиску.
– Се наоѓаме многу блиску до решение, а 100-те метри од патот, за кои говореше премиерот во Софија, сега станаа 50 метри. Но, треба да имаме на ум дека сѐ уште немаме договор – истакна Јоргос Катругалос во интервјуто за грчкото радио.