Јанакиески за Кинезите: Сите ги научивме да пејат „Излези момче право на тераса“

2482

Со слушање на „бомби“ денеска во Кривичниот суд во Скопје почна ново рочиште за случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство, за изградбата на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево -Охрид.

Во Судот, како што јави МИА, присутни се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски, кои се осомничени дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид и нанеле штета на буџетот на државата од најмалку 155.117.172 евра.

Снимените разговори што се пуштаат во судницата, а кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, ги изнесува обвинителката Лиле Стефановска од СЈО.

Во досега преслушаните десетина разговори во судницата се слушаат разговори на Миле Јанакиески и Никола Груевски со соработници за тоа како течел процесот за изборот на изведувач и преговорите со кинеските компании.

-Кинезите доставија и официјална понуда за Миладиновци-Штип од 288 милиони евра, му вели Јанакиески на Груевски кој пак прашува – Дали е тоа многу?

Јанакиески му објаснува дека не е многу, бидејќи проценетата вредност била 250 милиони евра.

Јанакиески во еден од разговорите, како што јави „Фокус“, зборува и со тогашниот амбасадор во Кина, Оливер Шамбевски.

Во еден од нивните разговори, министерот го информира амбасадорот дека тука работата се средува и сега треба да оди во Кина, за да како што вели, потпише таму меморандум со главниот.

-Топ Миле, топ, извикува Шамбевски, додавајќи дека едвај чека да дојде во Кина, пишува „Фокус“.

Јанакиески зборува и со една машка непозната личност и раскажува дека многу убаво си поминале во Кина и дека сите ги научиле да пејат „Излези момче право на тераса“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...