Владата денеска ќе заседава на економски теми

484

Владата на Република Македонија денеска од 12 часот ќе ја одржи редовната, 70-та седница. На предлог на Министерството за економија на дневен ред на денешната седница на Владата се неколку предлог – закони, односно предлог – законите за изменување на Законите за безбедност на производите, за заштита на потрошувачите и на законот за контрола на предметите од скапоцени метали.

Како материјал за информирање пред министрите ќе се најде информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот – Подобрување на квалитетот на податоците во катастарот, како и информацијата од Работната група за приоритетот „Младинска работа“ со конкретни предлози, план/програма за работа и очекувани идни активности од страна на Владата и другите државни институции.

Министрите на 70-тата седница ќе ја разгледуваат информацијата за степенот на реализација на активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија – ревизија 2017 година, предвидени за реализација заклучно со последниот квартал од 2017 година.

На предлог на Министерството за локална самоуправа, на дневен ред се и предлог – одлуките за доделување средства за финансирање проекти од развој на села 2018-та година, како и за доделување на средства за финансирање на проекти од развој на плански региони 2018-та година.

Владата, на барање на Собранието на Република Македонија на денешната седница треба да даде и мислење за предлог – законот за изменување на Законот за акцизите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...