Трпческа и Галевска: Гостите може да се лутат, но јавноста бара одговори

Чекањето повратен одговор од гостите што ги канат во емисија им е најтешкиот дел од работата, зашто може да чекаат час или два и тој никогаш да не стигне, особено кога треба да стигне од политичка партија. Ова, велат, ја гради сликата за една партија и за нејзиниот однос кон она што значи јавност.

1526

Мирјана Трпчевска и Елизабета Галевска се двете лица на дебатната емисија „Само вистина“, која веќе трета сезона гледачите ја следат секој работен ден на фреквенцијата на ТВ Канал 5. Работата им е динамична, возбудлива, но по малку и стресна. Дебатите честопати се претвораат во жестоки дуели, но Мирјана и Елизабета успешно и професионално ги држат конците во свои раце. Во денешното интервју зборуваат за тоа како изгледаат од нивен агол омилените ТВ-дуели на гледачите.

Секојдневната работа на политичка дебатна емисија што оди во живо може да биде стресна, но и возбудлива. Што преовладува, стресот или возбудата?

Мирјана: Точно, стресна е, но и возбудлива и, ако „мерам“, најчесто е микс од двете состојби. Уште од почеток на серијалот, најстресен дел ми е канењето гости, нивното комбинирање во парови за дебатата, исчекувањето како на тоа ќе реагираат гледачите. Или ако е договорен едниот гостин, како тој реагира на името и презимето на соговорникот што го планираме, чекањето некој да даде повратен одговор што го најавил за саат-два и воопшто не се јавил. Најголем број од нив се од партиите, од пиар-тимовите. Ова и тоа како ја гради сликата за една партија и за нејзиниот однос кон она што значи јавност. Според мене, тоа е недозволиво – бараат време, а не го почитуваат времето на другиот. Така што најчесто го користам методот на непосреден контакт, зашто така добивам одговор брзо и не губам по неколку часа за одговор кој во најголем број случаи и воопшто не доаѓа.

Елизабета: Самиот факт што емисијата оди секој работен ден зборува за динамиката и брзината со која мора да се „натпреваруваме“, како во изборот така и во обезбедувањето на учесниците. Е тука има малку стрес. Секогаш кога сте пред екраните возбудата е разбирливо присутна, но важно е да се исполнат очекувањата на гледачите. Верувам дека тоа се препознава, за што говори и гледаноста на емисијата.

Дебатите честопати се жестоки, гостите знаат и да се надвикуваат. Ви се случува ли на момент да почувствувате дека ја губите контролата? И како се справувате со жестоките дебатери?

Мирјана: Со оглед на фактот што ТВ-дуелот „Само вистина“ во 99% од своите изданија е со гости со спротивни позиции, дебатите се, би рекла, многу живи и полни со емоции. Во едногодишното постоење на емисијата и мојот ангажман на неа, има еден пример кога јас лично почувствував немоќ обидувајќи се да ја ставам дебатата под контрола со замолници кон едниот и другиот гостин, но тоа не вроди со плод. Тоа е дебатата меѓу министерот за земјоделие Љупчо Николовски и Ванчо Костадиновски, поранешен заменик-министер за земјоделие од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа и јас се изверзирав, се охрабрив повеќе, па бев и малку погруба во „сечењето“ на високите октани. Во принцип ретко кога во „Само вистина“ е тивко и лежерно, во најголем број од случаи дебатите се со многу адреналин.

Елизабета: За мене лично, добро е кога има конструктивна дебата, но не секогаш е така, некогаш има и пожестоки дебати, пожестока размена на ставови. Кај нас за жал, политиката „го окупира“ секојдневието, животот.

Сезоната сè уште не е завршена, а низ студиото поминаа многу интересни гости, од Амди Бајрам, Кили, Кочо Анѓушев, Илинка Митрева… Што би издвоиле досега од оваа сезона на „Само вистина“?

Мирјана: Преискрениот настап на Кили реално е мое најдобро интервју или едно од подобрите. Инаку секоја емисија е приказна за себе, како што споменав погоре, од канење на гости до нивното доаѓање на неколку секунди пред емисија. Или гости што прифатиле да дојдат, па момент пред да дојдат не можете да ги добиете, па се јавувате кај луѓе по комшии кои одат кај гостинот, а тој вели па пред мене е мобилниот ама изгледа внуците нешто го помешале па не добивам повици. Ова е за последното гостување на Алајдин Демири, кој живее во Тетово, а ми помогна Мухамед Халили кој исто живее во Тетово и пројави интерес да стапи некако во контакт со Алајдин и да му пренесе дека го чекам во емисија, онака како што сме се договориле ден порано. Ух има многу адреналински состојби.

Елизабета: Навистина имаше голем број интересни и квалитетни дебати, кои беа забележани во јавноста. Не би издвојувала која беше најинтересна, оставам еве тоа да го проценат нашите гледачи. Јас во оваа пригода ќе им се заблагодарам на сите учесници што досега беа дел од „Само вистина“, а верувам дека пред нас ќе следуваат уште многу добри емисиии.

Се случува ли некој гостин да се налути на ваше прашање?

Мирјана: Се случува. Најголем лутко е Стефан Влахов Мицов и Оливер Андонов, кој само што ќе го свртам погледот кон него и без ништо да кажам ми вели немој да ме сечеш сега. Таков беше примерот во последното гостување на Андонов во дебата со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и на Влахов Мицов во дебатата со Русјаков.

Елизабета: Не, барем досега немало такво нешто и драго ми е заради тоа, особено што во емисијата третираме актуелни теми за кои неминовно е дека ќе има, еве, ако сакате, и такви незгодни прашања. Тоа се само прашања за кои јавноста очекува, односно бара одговори.

Задоволни ли сте од фидбекот од публиката? Какви реакции добивате?

Мирјана: Јас сум презадоволна, но се трудам на гледачите да им претставам и модерирам што поприродна, поискрена и повистинита дебата. Некогаш добивам критики дека ги „сечам“ односно прекинувам гостите премногу, но тоа е само затоа што чувствувам дека некој сака дебатата да ја сврти во друг правец и тогаш го прекинувам за да го задржам обликот каков што сме го замислиле со тимот на „Само вистина“, предводен од директорот Иван Мирчевски.

Елизабета: „Само вистина“ е најкоментирана токму од публиката, од оние кои нè следат, и тоа во живо. Има пофалби, но има и критики, кои јас не ги доживувам како нешто лошо, туку како поттик да размислиме каде можеби нешто треба да се направи подобро. Генерално мислам дека емисијата им стана „навика“ на нашите гледачи и верувам, ако не 100-процентно, барем во најголем дел ги оправдавме и нивните, а не само нашите очекувања.

Подготвувате ли измени за наредната сезона? Освежувања? Изненадувања?

Мирјана: Јас не би променила многу, освен што би вовела нешто плус како додадена вредност на емисијата, нешто на кое работиме уште сега и се надевам ќе биде одлично примено од гледачите. Се размислува за нови моменти во „Само вистина“, но тоа ќе биде изненадување за нашата ценета публика.

Елизабета: Добро кажавте, изненадувања, секако ќе има. Но барем засега, да не откриваме.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...