Сега новите „началници“ нека ви го бранат новото име!

На македонската медиумска сцена се јавуваат нови „началници“. Од луѓе високо позиционирани во партијата на власт, СДСМ, тие добиваат директни нарачки да навредуваат, да клеветат и брутално да хејтаат луѓе. Дебело се кеширани. Е затоа, сега, тие и нивните „куртонски“ медиуми нека ви послужат кога ќе ви дојде јајцето на газот.

8460

Овие денови, пред точно пет години, керовоѓата Миленко Неделковски објави список на новинари кои наводно добиле акции во некои претпријатија, за да молчат за неправилностите на приватизацијата. На тој список беше и моето име. Веста потоа ја прошири една агенција, чиј сопственик уште во деведесеттите години имаше сериозни проблеми со законот.

Тогаш јавно го повикав Миленко да не паламуди, туку да каже каде ми се акциите. А кога ќе ги најде – слободно да си ги земе. Керовоѓата сѐ уште молчи за моите акции. Пет години молчи. И нормално е дека молчи, бидејќи не може баш сѐ да се измисли. Никогаш во животот не сум поседувал акции. Тоа е вистината.

Нејсе, на Миленко му простив за сите глупости. За сите навреди и клевети за мене и за членови на моето семејство. Му простив дури и за тоа што тој и непознато лице организираа физичко следење и неовластено фотографирање на член на моето семејство, а полицијата, под водство на тогаш техничкиот министер Оливер Спасовски, намерно го забошоти случајот (Оливер ми е должен, не Миленко). Сега, кога го среќавам на улица, си велиме по едно „здраво“, а тој сѐ уште нема храброст да изусти едно „извини“. Тоа е, човек без карактер…

Им простив на многу други од „началничката“ свита на Груевски. И на Латас и на Ивона Талевска. И ич не ми е криво! Тие луѓе сега си имаат мака и се расправаат со обвинители и со судии и навистина би се чувствувал крајно непријатно згора на сѐ и јас да им бидам џелат. Посакувам само еднаш да се стави крај на времето на „началниците“ во новинарството и на „куртонските“ медиуми.

И затоа, предупредувам јавно дека на македонската медиумска сцена се јавуваат нови „началници“. Од луѓе високо позиционирани во партијата на власт, СДСМ, тие добиваат директни нарачки да навредуваат, да клеветат и брутално да хејтаат луѓе кои се обележани како критичари на оваа власт, како „дефетисти“ и неблагонадежни по некоја друга основа. Новите „началници“ и нивните „куртонски“ медиуми се опсипани со пари (што кеш, што во реклами). За возврат, будалетинкиве буквално возат „без гуртни“. Не што навредуваат и клеветат, туку чинат многу сериозни кривични дела. Измислуваат невидени нешта, удираат по семејства, се резилат и себе и своите нарачатели.

Да биде трагедијата поголема, станува збор за конфликтни личности, кои не е човек на улица да ги пушти одврзани. Возат без возачки дозволи. Пијани, без ваучерите на Шилегов. Возат неоцаринети возила. Се расправаат со полицајци. Се повикуваат на Заев, на Оливер… Потоа се јавува некој од партијата, за да ги смири страстите, да ја забошоти бруката и да ја смести будалетинката во хотел, наместо во притвор, каде што му е местото.

Своевремено, кога водев полемики и со старите и со новите медиумски „куртони“, многу луѓе пријателски ме убедуваа да не го правам тоа, оти така сум си го валкал името и реномето, а тие будалетинки не биле „од партијата“, туку биле „слободни стрелци“. И да ви кажам право, откако се изморив од објаснување дека тоа не е така, решив да кренам раце и со будалетинките само да се подбивам. Сега, пак, ми се јавуваат истите луѓе и ми велат – ама Геро, ова е многу сериозно, зад овој будалиов стои оној, а зад тој другион стои оној, аман стори нешто…

А нееее! Сега, шапшали едни, вие да сторите нешто. Ве предупредив дека ова глупирање скапо ќе ве чини. И сега, кога ќе ви дојде јајцето на газот, кога ќе треба да се „брани“ штогоде (новото име, на пример), да си се потпрете на новите „началници“. Во нивните медиуми да си објавувате колумни, таму да давате интервјуи и што е најважно, тие интергалактички будалетинки, со сиот свој капацитет и платенички „кредибилитет“, тие нека го убедуваат народот во ваше име.

Директно од џакузито во оној хотел во Охрид, забравам му името…

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...