Град Скопје ќе ги подобрува капацитетите на администрацијата и ќе соработува со граѓанскиот сектор за да го зголеми искористувањето на фондовите од Европската унија, каде нема доволно резултати и покрај добро поставената стратешка рамка.
Во препораките од денеска промовираната студија „Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво за град Скопје“, се наведува дека политичката волја во град Скопје треба да биде преточена во конкретни мерки и активности кои ќе водат кон зголемено искористување на фондовите што ги нуди ЕУ.
„Иако стратешката рамка на град Скопје целосно соодветствува со програмските приоритети на ЕУ програмите, досегашното ограничено учество во ИПА програмите е резултат на ограниченоста на расположивите човечки ресурси и искуство за зголемена апсорпција на фондови од ЕУ проекти, како и немањето континуитет во градење на капацитетите“, се наведува во анализата од студијата што ја изработи НВО Инфоцентар во соработка со Организација на жени од Струмица.
Град Скопје досега бил лидер само на една апликација која сам ја подготвил и ја координирал во рамки на програмата „Европа за граѓаните“.
Марјан Степановски, еден од авторите на студијата, истакна дека капацитетите со кои располага градот се многу значајни за да може да се апсорбираат што поголеми фондови и во обем и во служба на локалниот развој.
– Моменталните капацитети на секторот за меѓународна соработка се водечки во апсорпција на фондовите, но секторт за локален економски развој кој е носител на стратешката рамка мора да ги земе предвид сите работи кои ги ставил на хартија. Ако на хартија имаме одлични работи треба да се размислува на малку постратешки пристап односно наместо ад хок приклучувања на конзорциуми и предлози кои доаѓаат од академската средина и граѓанскиот сектор град Скопје мора на некој начин да го реплицира успешен модел кој го има и на меѓународен план – рече Степановски.
Претседателката на Советот на град Скопје Љубица Јанчевска најави дека наодите од анализата ќе им послужат да ги утврдат активностите кои треба да ги преземат за подобрување на постоечките капацитети кои ги има градот од аспект на подобрување на перформансите на вработените и нивна дополнителна подготовка за процесите на искористување на програмите од ИПА фондовите.
– Администрацијата ќе биде дообучена и активно ќе учествува во сите апликации и во сите идни проекти кои ќе бидат одобрени поради тоа што во краен случај резултатите ќе се бараат од неа. Покрај советниците и општинските службеници ќе одат на меѓународните конференциии затоа што тие активно учествуваат во реализацијата на проектите – истакна Јанчевска.
Во анализата се потенцира и дека постојните модели на соработка со засегнатите чинители на локално и национално ниво не бележат значајни успеси. Стагнира и промоцијата на придобивките од учеството на градот во програмите на ЕУ преку кои, заедно со останатите скопски општини, јавните претпријатија, граѓанските организации, академската заедница и бизнис секторот може да се реализираат низа стратешки развојни иницијативи.
Студијата е изготвена како дел од проектот „Локален консултативен механизам ИПА2“, финансиран од Европската унија. Во неа се вклучени и состојбите во општините Струмица, Битола и Тетово. Во наредниот период покрај обуки, ќе се работи и на промоција на програмите на ЕУ, помош при подготовка на апликации и подобрување на соработката со граѓанскиот сектор.