На аматерска снимка се гледа како младиот Мамуду Гасами без размислување почнува како Спајдермен брзо да се качува по фасадата на четирикатната зграда во Париз за да го дофати четиригодишното дете кое виси од балконот, проследено со навивање на насобраната толпа.
Весникот „Ле паризиен“ пишува дека Гасами случајно поминувал покрај зградата кога ја забележал насобраната толпа и веднаш одлучил да помогне.
„Го направив тоа затоа што тоа е дете“, ги цитира весникот неговите зборови. „Се качив … Фала му на Бога што го спасив“, вели скромномладиот имигрант.
Снимката наскоро се прошири по социјалните мрежи, заедно со коментарите од гледачите кои младиот Малиец го прогласија за висински Спајдермен.
Градоначалничката на Париз Ана Хидалго го пофали во неделата херојскиот чин на млад имигрант од Мали кој се качуваше по фасадата на една зграда во северниот дел на Париз за да спаси дете кое се клатеше висејќи од балконот на четвртиот кат, најавувајќи дека ќе му даде поддршка во неговите напори да остане во Франција.
-Честитки за Мамуду Гасами на херојскиот чин со кој спаси живот на дете – напиша на официјалниот профил на Твитер градоначалничката на Париз.
Гасами рекол дека пред неколку месеци пристигнал од Мали и дека сака да остане во Франција.
Од претседателската палата младиот херој доби покана да се сретне денес со претседателот Емануел Макрон, соопшти официјален претставник од кабинетот на францускиот претседател.